Македонската полиција денес употребила солзавец да го спречи обидот на неколку стотици, главно пакистански мигранти да ја преминат македонско - грчката граница, откако тие се движеле по должината на подигнатата жичена ограда, барајќи начин да се пробијат кон некоја алтернативна рута на нивниот пат кон Западна Европа. По дождот во петокот и пониските температури последните денови, нараснаа тензиите и ескалираше незадоволството кај мигрантите поради затворената граница на македонска страна.
Македонија две недели ја спроведува одлуката која ја воведоа земјите од балканската рута, за селективно пропуштање на мигранти, со образложение дека „нема капацитет за хуман третман и прифаќање на илјадниците луѓе кои би се нашле затекнати на македонска територија“.
Но, откако вчера, нов бран мигранти пристигнале во Идомени на грчката страна на границата, околу илјада лица кои по воведената селекција се класифицирани како економски мигранти кои не доаѓаат од регионите зафатени со војна, скандирале, употребувајќи и мегафони и транспаренти и барале, по примерот на воените бегалци од Сирија, Авганистан и Ирак, и тие да бидат пропуштени во Македонија. Нивниот обид да се искачат на оградата која ја постави македонската страна, го спречувале бројни припадници на грчката полиција.
Иако имаат информации дека се мали шансите, дури и да ја поминат грчко - македонската граница, потоа, да ја поминат селекцијата на границите на Србија, Словенија и Хрватска, мигрантите се решителни во барањата да им се дозволи премин. Според германскиот магазин “Шпигел” на грчко -македонската граница, мигрантите скандирале и “Меркел отвори ја границата”, барајќи Германија, како нивна главна дестинација, да изврши влијание врз балканските земји, да бидат пофлексибилни.
Во неделниот извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права за состојбата со мигрантите на границите, се вели дека при селекцијата на бегалците според земјата на потекло, се појавуваат бројни проблеми, зашто, одделни бегалци не поседуваат никакви документи за идентификација и нивното пропуштање се базира единствено на личните искази од која земја потекнуваат и дали имаат некаков начин да докажат од каде доаѓаат.
Од друга страна, дел од економските мигранти кои некако успеваат илегално да ја минат границата, заобиколувајќи ги официјалните премини, како и пред шест месеци се обидуваат да ја препешачат територијата на Македонија, по пругите и автопатот кон Србија.
Исто така, поради селекцијата што го намали бројот бегалците кои транзитираат низ Македонија, и неможноста да се наполнат возовите, сега не се дозволува транспорт со автобуси и такси возила, што пак предизвикува незадоволство кај македонските автобуски превозници кои најавуваат и штрајк со блокирање на Гевгелија.
Претседателот Ѓорге Иванов, во синоќешното интервју за една македонска телевизија изјави дека „состојбата на границата, врз основа на инцидентите, е со висок ризик, бидејќи станува збор за насилни акти врз полицијата и армијата“, и потенцираше дека ангажирањето на полициските и армиските сили ги троши ресурсите на Македонија: „Наместо полицијата да ги користи ресурсите за следење и за превенирање на можни непосакувани акти од такви лица, нашите ресурси се на границата, да се справуваат со мигрантската и бегалската криза“. Иванов истакна и дека „и армијата, и полицијата и Центарот за управување со кризи и хуманитарните организации и Црвениот крст, како и новите министри кои сега се во институциите, се однесуваат одговорно затоа што станува збор за државен интерес“.
Но, Клубот на генерали, формиран во 2012 година, во кој членуваат сите активни и резервни генерали кои биле на служба во АРМ, на денешната конференција „Одбранбено безбедносни ризици и улогата на резервниот состав во нивното разрешување“, потенцираше дека „по воведувањето на професионалната воена служба во АРМ, која не е многу бројна, АРМ со сите свои обврски, во потполност не може да одговори на задачите кои и се поставени, пред се, во врска со безбедносната состојба на Македонија“.
Според пензионираниот генерал Драган Андревски, и резервните сили на АРМ може веднаш да се ангажираат ако ситуацијата се усложни. Но од АРМ стигна одговор дека засега не се размислува за ангажирање на резервниот состав, зашто Армијата е ангажирана согласно потребите на терен и соодветно одговара на предизвиците.