Нови инициденти на граничната линија во близината на Гевгелија, по вчерашните тензии меѓу бегалците од Сирија и мигрантите од Иран, Пакистан, Мароко, Сомалија и Непал, кои се чувствуваат дискриминирани со македонското прифаќање на одлуката на државите од балканската бегалска рута - за селекција на лицата од подрачјата опфатени со воените судири од оние од останатите држави, кои во знак на протест и во обид да ја поминат границата, со ножици ја сечеле поставената жичена ограда. Македонските власти донесоа зајакнување на полициските и воените сили на границата, по уништувањето на дел од оградата, но тие во целосна воена опрема, само ги следат случувањата на грчката страна од границата.
Синоќа и утрово, имало и тепачки меѓу бегалците и мигрантите на Котата 59 на меѓуграничниот простор и тоа предизвикало и времено затворање на границата, по што, и единственото место каде што бегалците од Сирија, Ирак и Авганистан можеа официјално да влегуваат во Македонија било затворено. Така, повеќе од 3.000 мигранти останале блокирани во кампот кај грчкото погранично место Идомени, откако не се пропуштаат ниту бегалците, поради нов можен судир со мигрантите на кои не им се дозволува влез во Македонија. Мигрантите на кои не им е дозволен влез во Македонија, поставиле и барикади за да ги спречат бегалците да ја минуваат границата, извикувајќи: „Ако не можеме ние, нема ни тие!“.
На македонска страна, безбедносните сили го ограничуваат пристапот на новинарските екипи, а од грчката страна, мигрантите со жив штит ја чуваат оградата и бараат да бидат пуштени во Македонија, заедно со луѓето кои доаѓаат од земјите зафатени со воени конфликти Соред дел од македонските медиуми, кои цитираат неименувани хуманитарци, дел од вината за настанатиот хаос имаат и грчките полицајци, кои наводно, не ги селектираат бегалците од економските мигранти.
Љубинка Брашнарска од канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации - УНХЦР, изјави за македонските медиуми дека блокадата е поставена од безбедносни причини: "Специјална полиција на Грција го обезбедува преминот, за да не се случи бегалците од воените подрачја да бидат нападнати од другите што протестираат. Некои не ги симнуваат ниту од автобус",
Но, утрово, на пругата на грчката страна на границата, бил пронајден мртов мигрант, најверојатно Мароканец, кој неофицијално, починал од струен удар.
А македонските медиуми денес ги пренесоа вестите од Грција дека граничните единици на ЕУ – „Фронтекс“ и властите на Грција се договориле од понеделник, на границата со Македонија да бидат испратени околу 400 припадници на „Фронтекс“ кои ќе помагаат во регистрацијата на бегалците и мигрантите. „Фронтекс“ веќе има 195 војници по грчките острови кои помагаат при приемот на бегалците и мигрантите. Исто така, беше пренесена и вест дека според грчките медиуми, возови на грчката железница, се до границата, бесплатно да транспортираат бегалци и мигранти.
Последниве шест месеци низ Македонија транзитирале повеќе од 300 илјади лица, како воени бегалци или економски мигранти.