Потпретседателoт на Атлантскиот совет Дејмон Вилсон за Гласот на Америка ја коментира големата поддршка за европска Македонија, но и малата излезност на референдумот.
„Се работи за дупка на патот кон европска Македонија. Креира одредени компликации, но секако не е крај на патот“, изјави Вилсон.
Според него, една од главните причини е што нема точна бројка за гласачкиот список во Македонија. Го наведе личното искуство кога летово престојувал во Македонија и посетил село, во кое некогаш имало 4000 жители, а денес има 200. Битката за европска Македонија го продолжува патот во институциите, според него: „Исходот на референдумот ја креира сцената за конечната битка во Парламентот“.
За перспективата на Македонија, по референдумот, тој оцени: „Евро-атланската аспирација на Македонија не е променета. За тоа има, меѓупартиски, меѓунационален консензус дека Македонија сака да биде дел од западните институции. Во македонското општество единствено има разединување дали да се прифати деликатниот компромис за името“.
Вилсон се осврна и на импликациите од референдумот во Македонија врз регионот.
„Не би преувеличувал, за влијанието од овој референдум врз регионот, за тоа што се случува во Косово, Босна, Србија, дијалогот. На терен има историски сили, кои што поранешни непријатели, ги прават пријатели. Опоненти, стануваат партнери. Тоа е приказната од НАТО и ЕУ“, оцени потпретседателот на Атлантскиот совет.
Со Договорот од Преспа ќе се постигне – „соседот не само што ти станува пријател, туку станува и сојузник“, вели американскиот аналитичар и предвидува дека нема да биде лесно во Парламентот во Скопје да се постигне согласност за уставните измени. Се ` во рацете на пратениците, кои според Вилсон, треба да гласаат по сопствената совест, иако не ја исклучува и можноста за предвремени избори, како што најави премиерот Заев.
Facebook Forum