Линкови за пристапност

Аналитичари: Џо Бајден е приврзаник на мултилатерализмот и тоа ќе има големо значење и за Северна Македонија


Малески очекува како членка на НАТО, Северна Македонија, да добие позасилена поддршка од САД, за идните чекори на земјата за членство во ЕУ.

Доаѓањето на власт во САД, на новата администрација, предводена од Џо Бајден е важно за регионот, но и за Северна Македонија, вели за Гласот на Америка, првиот македонски министер за надворешни работи, Денко Малески. Според него, Бајден е човек што ветува дека ќе воведе една нормалност, како во внатрешнo-политичкиот живот на САД, така и во односите со сојузниците.

Веројатно најважно за нас е што Џо Бајден е приврзаник на мултилатерализмот, а не на девизата „Америка на прво место“ и тоа ќе има големо значење и за Македонија
Денко Малески


„Веројатно најважно за нас е што Џо Бајден е приврзаник на мултилатерализмот, а не на девизата „Америка на прво место“ и тоа ќе има големо значење и за Македонија, бидејќи надворешната политика на Америка повторно верувам ќе ја земе улогата на предводник на демократскиот свет, улога од која последните четири години се откажа поранешниот претседател Трамп“, изјави Денко Малески, прв македонски министер за надворешни работи.

Антонио Милошоски, кој беше министер за надворешни работи, во време додека Бајден, беше потпретседател на САД, не очекува драстични промени на политиката на Америка во однос на земјата. Според него од поголем интерес на САД во регионот ќе бидат кипарското прашање поврзано со Турција и Грција, и спорот околу потрагата по гас во Средоземното море, продолжување на косовско-српскиот дијалог, како и босанското прашање и неговата иднина.

Сметам дека политиката на една стабилна и партнерска соработка ќе продолжи без некои драматични промени, за односот кон Македонија
Антонио Милошоски


„Она што е мое лично искуство е дека претседателот Бајден, има повеќе познавања за балканскиот регион и тоа особено за Босна, Грција и Кипар. По однос на Македонија, не очекувам некои особено големи промени затоа што и претседателите на Америка, никогаш толку лично не си задавале агенди со помали држави. Сметам дека политиката на една стабилна и партнерска соработка ќе продолжи без некои драматични промени, за односот кон Македонија“, оцени, Антонио Милошоски, поранешен министер за надворешни работи

Милошоски додава дека е многу важно какво решение ќе има за косовското прашање, од кое директно е засегната и Северна Македонија.


„Сметам дека новата американска администрација ќе настојува да се најде решение без територијални поместувања или прецртувања на границите помеѓу Косово и Србија, што генерално оди во прилог на целиот регион, вклучително и на Македонија“, вели, Антонио Милошоски, поранешен министер за надворешни работи

Малески очекува како членка на НАТО, Северна Македонија, да добие позасилена поддршка од САД, за идните чекори на земјата за членство во ЕУ.

Но, смета дека САД, нема многу да се ангажираат во надминувањето на македонско-бугарскиот спор.

„Мислам дека во овој момент, нема да бидеме приоритет на американската надворешна политика. Тие сепак ќе остават на ЕУ, ако е потребно некој вид на поддршка и посредништво, тие тоа да го преземат. Некоја улога позначајна на Америка, би следела само доколку нашите односи западнат во некоја тешка криза. Дотогаш американската политика ќе биде да ги охрабруваат двете страни да ги решат своите спорови и да не дозволат тој спор да се одрази, на единството во НАТО сојузот“, анализира Денко Малески, прв македонски министер за надворешни работи.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG