Линкови за пристапност

Веднаш по инаугурацијата Бајден потпиша серија извршни наредби


Американскиот претседател Џо Бајден потпиша серија извршни наредби и други укази на првиот ден од неговиот мандат кои се однесуваат на корона вирусот и кои укинуваат мерки и промени воведени за време на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Со наредбите Бајден стави крај на забраната за патување од некои муслимански земји, побара федералните агенции да дадат приоритет на расната еднаквост, ја запре изградбата на ѕидот на американско – мексиканската граница, го повлече одобрението за спорен гасовод, ја повлече одлуката на Трамп од пописот да бидат исклучени оние кои не се граѓани на САД и воведе заштита од дискриминација базирана на полов идентитет и сексуална ориентација.

Бајден исто така потпиша писма за намери за враќање на САД под Парискиот договор за климатски промени и ја повлече декларацијата на Трамп со која САД го откажуваат членството во Светската здравствена организација.

Во однос на корона вирусот Џо Бајден го продолжи мораториумот за присилно иселување, наложи да се носат маски во сите федерални згради и креираше нова канцеларија која ќе го координира националниот одговор на вирусот кој досега уби 400 илјади луѓе во САД.

Администрацијата на Бајден најави дека тој ќе потпише уште десетици укази во следните десетина дена.

XS
SM
MD
LG