Линкови за пристапност

Осомничените за петкратното убиство изведени пред истражен судија


МВР поднесе кривични пријави за тероризам против петмина од приведените во акцијата „Монструм“.

Осомничените за петкратното убиство кај Железарското Езеро, кои полицијата ги уапси вчера во операцијата “Moнструм”, денес беа изведени пред истражен судија во скопскиот Кривичен суд.

Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против петмина од вкупно дваесетте уапсени во акцијата. Петтемината се товарат за сторено кривично дело тероризам. Од нив, двајца се во бегство. За останатите тројца постои сомневање дека се директно вклучени во убиствата кај Железарското езеро.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска не сакаше да соопшти нови информации за текот на истрагата, наведувајќи дека тоа е во интерес на истражниот процес. Таа не сакаше да даде нови детали ниту за целите на дејствувањето на групата, ниту пак за нивната евентуална поврзаност со лица од странство. Според Јанкулоска, целта на овие кривични дела била да се испрати порака за присуството на оние кои ги извршуваат и да се влее страв, паника и несигурност кај остатокот од населението.

Јавното обвинителство најави дека ќе бара највисоки казни во случајот со петкратното убиство на 13-ти април во близината на Скопје. Јавиот обвинител Шврговски рече дека станува збор за кривично дело тероризам, за кое е предвидена казна доживотен затвор

МВР поднесе кривични пријави и против други четири лица приведени во акцијата „Монструм“, за недозволено поседување на оружје.

Најголемиот дел од приведените се македонски државјани, следбеници на радикалниот ислам, изјави денеска минстерката Јанкулоска. Таа тврди дека при претресот во објектите во кои се изведувала акцијата било пронајдено поголемо количество оружје и литература која укажува на идеолошката припадност на овие лица.

XS
SM
MD
LG