Линкови за пристапност

Војна за вакцини меѓу Британија и ЕУ


Бирократската гломазност и недостигот од вакцини предизвика зголемена фрустрација ширум Стариот континент.

Во моментов има ерупција на „вакцинска војна“ меѓу Британија и ЕУ откако Брисел побара десетина милиони дози од вакцината против Ковид-19, резервирани за Британија, и произведени од британскиот фармацевтски гигант, да бидат пренасочени кон Европа за да се излезе во пресрет на ветеното снабдување за ЕУ. Ваквото затегнување на односите меѓу ЕУ и компанијата Астра Зенека го истакна на виделина проширениот национализам врзан со вакцините.

Тој национализам го поттикна фармацевтскиот гигант, кога најави дека ќе го намали снабдувањето со вакцини, за Европа до крајот на март, и тоа од 80 на 31 милион дози.

Ваквото намалување ќе се одрази на и онака бавниот и хаотичен почеток на вакцинација во ЕУ, каде засега има по две дози за 100 Европејци, споредено, за седум луѓе во Америка и за 11 жители во Британија.

Бирократската гломазност и недостигот од вакцини предизвика зголемена фрустрација ширум Стариот континент. Унгарија планира да излезе од нарачката согласно прописите на ЕУ, и да побара снабдување со руската вакцина Спутник, која не е авторизирана според здравствените регулаторни тела на ЕУ.

Центар за вакцинирање во Јорк, Британија
Центар за вакцинирање во Јорк, Британија

Европската комесарка за здравство Стела Кириакидес изјави дека додека Астра Зенека ги обвинува производствените капацитетите во Европа за недостигот на вакцини, досегашните произведени дози во Британија треба да бидат пренасочени кон Европа.

Британската влада направила нарачка со фармацевтскиот гигант Астра Зенека пред три месеци.

„Ја отфрламе логиката, „кој прв нарача, тој биде услужен“. Таквото правило може да функционира во локална месарница, но не ѝ со склучен договор“, изјави еврокомесарката Кириакидес.

По средбата со виши претставници од Астра Зенека, Кириакидес, изрази жалење за „натамошната нејаснотија околу распоредот и тајмингот за достава на вакцината“ и оти очекува брза достава на бројката на вакцини, кои ЕУ веќе ги резервирала од Астра Зенека“.

Астра Зенека потенцираше за “комплексноста на процесот на производство на вакцината“, и оти ќе продолжи со напорите да достави вакцини до милиони Европејци и тоа ќе го прави без профит за време на пандемијата.

Британските таблоиди на насловните страници осамнаа со наслови „Почекајте да ви дојде редот“ и “Себичната ЕУ ги сака нашите вакцини“, пренесувајќи ја атмосферата за критиката од ЕУ.

Британски официјални лица уверија дека нарачката за вакцини за населението во Британија нема да трпи, поради проблемите со снабдување во земјите во ЕУ.

Во меѓувреме, угледен германски пратеник во Европскиот Парламент, Петер Лизе, член на комисијата за здравство, изрази негодување дека европските граѓани се третираат како „граѓани од втор ред“ од фармацевтската компанија со седиште во Британија, при што не исклучи и потенцијално „трговска војна“ меѓу Британија и ЕУ.

Ризикот од зголемен национализам со вакцините беше истакнат и од Светската здравствена организација, при што генералниот секретар предупреди дека пристапот до вакцината ги дели државите на богати и сиромашни.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG