Линкови за пристапност

После три децении борба, сидата и натаму е закана за човештвото


Светот утре, на први декември, го одбележува Светскиот ден за борба против сидата. Иако во изминатите години е постигнат голем напредок во превентивата и третманот на болеста, таа и натаму претставува закана по животите на луѓето.

Според Светската здравствена организација стравот, неинформираноста и игнорирањето на советите за превентива, се главни причини што епидемијата од сида и натаму постои.

Вирусот ХИВ, што ја предизвикува сидата денес може да се третира медицински и со соодветна терапија да се спречи неговото пренесување. Но, иако постојат такви можности, болеста сè уште одзема животи.

Докторот Џаред Беитен, специјалист за ХИВ од Универзитетот од Вашингтон, вели дека и покрај алатките за превенција, справувањето со болеста уште не е на потребното ниво.

„Ресурсите за заштита од ХИВ најчесто не се доволни таму каде што треба да бидат доставени. Тоа што го научивме во изминативе години е дека не постои маѓично стапче, туку дека треба да се усогласат многу работи, за да го имаме посакуваниот ефект“, вели Беитен.

Според податоците на здравствените работници, речиси еден милион луѓе годишно умираат од сида. Професорката Стефани Стретди од Универзитетот во Сан Диего вели дека сидата најчесто го погодува населението во зафрлените краишта на светот.

„Постојат области каде достапноста до соодветна заштита и совети е недоволна. Тоа што го увидов во моите досегашни истражувања е дека треба да му се пристапи на секој случај поединечно, да се увидат неговите потреби и да му се посочат вистинските насоки за однос кон вирусот“, вели професорката.

Според Стратди, луѓето што живеат во тешка сиромаштија, многу повеќе се загрижени за храна и засолниште над глава, отколку за превентива од сида.

Според познавачите на проблемот, засега, додека да биде откриена ефикасна вакцина, само добрата едукација за заканите од вирусот и вклучувањето на што повеќе луѓе во долгите третмани се најдобра одбрана од сидата.

XS
SM
MD
LG