АКТА - трговски договор против фалсификување. Цел на АКТА е меѓународна заштита на интелектуалната сопственост. Тој би требало да го спречи фалсификувањето на трговски марки, или лажните копии на скапите производи. АКТА би требало да ги заштити инвестициите во истражувањето и развојот на производи, како што се медицинските патенти или фармацевтските производи. Исто така, треба да ги поддржи уметниците и новинарите, да им дозволи да произведуваат дела со повисок квалитет, како и да постигне меѓународна хармонизација на законите за авторски права.
Објавувањето на АКТА предизвика бурни реакции низ цела Европа. Многумина во АКТА препознаа обид за загрозување на слободата на изразувањето. Имајќи ги предвид овие реакции, Европскиот парламент неодамна одлучи АКТА да ја испрати на косултации во Европскиот суд на правдата, за да се утврди дали договорот навистина им се закнува на фундменталните права и слободи.
Реакции има и во Македонија. Дебатата за спорниот договор се води надвор од институциите, воглавно на социјалните мрежи на Интернет.
„Во моментов немаме никаква информација дали Македонија се подготвува да го потише договорот, така што и ние не се собравме да организираме протести. Сега за сега сме во фаза на мирување, се` додека не чуеме од нашите власти што планираат и додека не заврши целиот процес во Стразбур со прегледувањето на АКТА од Европскиот суд“, вели Бојан Антиќ, блогер активен на социјалните мрежи на оваа тема.
Некои во АКТА гледаат посебна опаснот за земји како Македонија.
„Ние како земја не сме подготвени, особено заради слабиот стандард, социјалните услови во кои живееме. Имаше една добра забелешка во која се вели дека ако не се користеа тие такви пиратирани содржини, денес никој немаше да се занимава, не знам, со веб-дизајн, да речеме, бидејќи луѓето не можат да си дозволат толку скап софтвер“, вели комуникологот Саед Џингл.
Според него, доколку АКТА биде прифатена во Македонија, ќе го осиромаши развојот на социјалните мрежи како се` попопуларен извор на информации.
„Многу тешко ќе може да споделувате содржини од било каков тип, и на Фејсбук, кога ќе „твитате“ нешто мора да внимавате да не повредите некое авторско или какво и да е друго сродно право, значи цела една низа на сервиси кои што се бум, кои што го движат Интернетот, ќе бидат поткопани во својот темел. Навистина е тоа престриктно, преригорозно и надвор од секаква здрава логика, а надвор од тоа што е контра актуелните процеси на Интернетот, а тоа е културата на споделување, отвореното образование, развојот на социјалните мрежи кои што се потпираат на тоа споделување, на поврзување“, вели Сеад Џигл.
Во АКТА се препознава и закана за демократијата и за и онака веќе загрозената слобода на изразувањето што беше потенцирана во извештаите на повеќе меѓународни организации.
„Загрозувањето на демократијата во врска со АКТА е на неколку нивоа. Прво, тотално е заобиколен оној процес кој што е стандард во развиените демократии, меѓу кои и во ЕУ, и тоа е една од основните забелешки дека не е испочитувано она што се бара при носење на било кој закон, да има јавна расправа законот и сите нацрти да бидат достапни, јавноста да може да има увид, да коментира“,вели Филип Стојановски од невладината организација Матеморфозис.
За разлика од социјалните мрежи, во печатените и електронски медиуми речиси и да нема некоја посериона јавна дебата на оваа тема. Прашан за тоа каков е ставот на македонските власти во врска со АКТА, министерот за информатичко општество Иво Ивановски вели: „Ги следиме случувањата со AКTA. Регулативата којашто е 95-46, всушност тоа е директива за заштита на лични податоци, до крајот на наредната година, Дирекцијата за заштита на лични податоци во Македонија заедно со уште некои институции ќе ја направат во регулатива, значи се доби една посериозна алатка. Исто, тука е конвенцијата за заштита на поединци, тоа е 108, се надеваме дека во периодот што следи ќе се вклучат активно сите чинители во јавната расправа, којашто ќе биде отворена за сите граѓани да се дискутира… АКТА, како што може да видиме, има и предности, има и слабости, но тоа ние го следиме и се надеваме дека нашата регулатива, која ќе биде донесена на крајот на наредната година, ќе биде подобра од оние другите“.
Ивановски вели и дека доколку Европа ја прифати AКТА, „тоа нема да значи дека и ние ќе прифатиме било-какви регулативи“.
Во меѓувреме, јавноста го очекува одговорот на Европскиот суд на правдата.
22 држави досега го ратификуваа договорот АКТА. Словенија и Полска се повлекоа под притисокот на протестите.