Линкови за пристапност

Поминаа првите 100 дена од втората влада на Зоран Заев


100 дена од втората влада на Зоран Заев
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:45 0:00

Германското претседателство ги прави последните обиди во неговиот мандат да протурка позитивна одлука за Северна Македонија.

Периодот од изборот – 31 август до сега, според премиерот, покажал дека власта била со и за граѓаните, посветена на одговорност и сигурност.

Главниот предизвик што ги одбележа првите 100 дена од работата на оваа Влада, беше справувањето со светската пандемија со КОВИД-19.
Заев, премиер


„Главниот предизвик што ги одбележа првите 100 дена од работата на оваа Влада, беше справувањето со светската пандемија со КОВИД-19. Го реорганизиравме раководењето со државата со единствена цел – да ги ставиме сите ресурси во заштита на здравјето на сите наши граѓани.“, изјави Зоран Заев, премиер на Северна Македонија.

Државата, паралелно со здравствената, како што изјави Заев, се справувала и со економската криза предизвикана од пандемијата. Неговите проценки се дека во 4 сета економска помош, дадени се вкупно 1 милијарда евра за граѓаните и стопанството. Нотираше и активности за зачувување на животната средина, како и имплементирање на нови политики во социјалата, образованието, културата... Заев потврди дека е во тек усвојување на методологија за прочистување во судството и обвинителството. Жали за блокадата од Бугарија за старт на преговорите со ЕУ, но се надева дека штетата ќе може брзо да се надомести.

„Оваа Влада, ниту нашата држава, ниту нашиот народ, немаме ни најмала вина за оваа ситуација. Ние застанавме цврсто на ставот дека македонскиот национален идентитет едноставно е невозможно да биде предмет на преговори и дека ние не можеме и никогаш нема да се откажеме од нашето право на самоопределување.“, оцени Заев.

Двајца од тројцата вицепремиери кои учествуваа во настанот потврдија дека процесот на интеграција продолжува и покрај неуспехот поради несогласувањето на Софија.

Европеизацијата е процес за кој нема алтернативи и се движи напред.
Димитров, вицепремиер


„Европеизацијата е процес за кој нема алтернативи и се движи напред, тој се движи напред и покрај пречките. Одиме напред и ќе си ја донесеме Европа дома.“, изјави вицепремиерот Никола Димитров.

Во ниту еден момент со нашиот сосед не се разговара за јазично идентитетски прашања и затоа нема воопшто простор за било какво стравување.
Груби, вицепремиер


„Во својство на највисок претставник на албанската заедница во нашата Влада, би сакал да дадам целосна поддршка до македонската заедница во заедничките напори да ги започнеме преговорите за членство во Европската унија и да повторам и уверам дека во ниту еден момент со нашиот сосед не се разговара за јазично идентитетски прашања и затоа нема воопшто простор за било какво стравување.“, изјави првиот вицепремиер Артан Груби.

И неделава во Брисел пак ќе се разговара за земјава и проширувањето на ниво на амбасадори на земјите-членки. Германското претседателство ги прави последните обиди во неговиот мандат да протурка позитивна одлука за Северна Македонија. Проценките во Скопје се дека шансите за пробив се минимални, но не и никакви.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG