Јужна Африка е позната по разновидноста како „Земја на виножито“, а за време на Светското фудбалско првенство доби можност да ужива во таквата својата репутација. Во Јоханезбург, уличните продавачи на знамиња се буквално насекаде и нудат знамиња во сите бои и од сите земји-учеснички на Мундијалот.
Спортскиот уредник на Гласот на Америка, Парк Бруер, кој известува од Мундијалот во Јужна Африка, коментира: „Мислам дека никогаш не сум видел повеќе знамиња на едно место. Не само на стадионите и наоколу, туку се чини на секој уличен агол во Јоханесбург. Не само јужноафрикански знамиња, туку и од други земји“.
Некои од продавачите пред почетокот на Мундијалот биле невработени, а други ги напуштиле старите работни места бидејќи со продавање на знамиња можат да заработат многу повеќе.
Големите знамиња се продаваат за околу 20 долари, а најмногу се продаваат националните обележја на Бразил, Холандија, Шпанија и Португалија. Некои продавачи дневно завршуват и со по 100 долари в џеб.
Во земја каде четвртина од работоспособното население е невработено и речиси 40 проценти живее под работ на сиромаштија, ваквиот вид на приход на продавачите им овозможува подобра грижа за себе и семејствата.