Линкови за пристапност

Гласањето заврши, следи броење: Изборите ДИК ги оцени како успешни


Гласањето беше фер и демократско. Уредите работеа беспрекорно, освен во неколку случаи утринава и се регулирани. Треба да почекаме за резултатите и да заклучиме дека денот помина успешно, рече претседателот на ДИК, Александар Даштевски

Сите се уверивме дека имавме успешен гласачки ден, рече претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, после затворањето на речиси сите гласачки места во земјава на вториот круг од локалните избори.

Претседателот на ДИК укажа дека имало неколку инциденти, но тие ги нарече изолирани.


„Гласањето беше фер и демократско. Уредите работеа беспрекорно, освен во неколку случаи утринава и се регулирани. Треба да почекаме за резултатите и да заклучиме дека денот помина успешно“, истакна Даштевски на првата прес-конференција после затворањето на гласачките места.

Како што истакна, според податоците од избирачките одбори, излезноста до 18.30 часот била 48,88% на територијата на целата држава.


Сепак, поради проблеми со уредите, гласањето ќе продолжи на петнаесетина гласачки места во шест општини и тоа во Центар, Сарај, Карпош, Чешиново-Облешево, Зелениково и Пробиштип. Продолжувањата се во опсег од еден до речиси три часа.

Избирачкиот ден генерално помина без големи застои. Избирачките одбори покажаа поголема координираност, а употребата на уредите за читање отпечатоци од прсти беше значително подобрена во однос на првиот круг од изборите.

Евидентно за вториот круг, според податоците од избирачките одбори, беше поголемиот интерес на граѓаните да излезат на гласање. Гласањето се одвиваше во 44 општини.

XS
SM
MD
LG