Линкови за пристапност

Втор круг локални избори: Се гласа за градоначалници во 44 општини


Државната изборна комисија отвори бесплатен телефонски број 0800 555 44 за пријавување евентуални изборни неправилности и повреди на гласачкото право

Рано утринава во 7 часот беа отворени гласачките места во 44 општини од вториот круг на локалните избори. Се бираат градоначалници, а право на глас имаат 1.353.990 избирачи.

Според досегашната состојба на теренот, гласањето се одвива без поголеми застои. Времето за проверка на биометриските податоци преку читачите на отпечатоци од прсти е скратено.


Членовите на избирачките одбори добија инструкции читањето на прстите да се одвива според следниот редослед: Прво се чита показалецот од едната рака, доколку уредот не го препознава, тогаш следи обид со показалецот од другата рака. Доколку и во тој случај уредот не може да го исчита гласачот, се вметнува личната карта. Како последен обид, се оди со рачно вметнување на единствениот матичен број на граѓанинот.

„На располагање имаме над 400 лица за техничка поддршка на Избирачките одбори кои ќе може да излезат на терен и на лице место и да им помогнат доколку се соочат со потешкотии. Сега се гласа на помал број избирчаки места така да присутноста на терен ќе биде уште поголема“, соопшти Љупка Гугучевска од ДИК.


Според инструкциите од ДИК, еден член на одборите треба да биде пред гласачките места и објектот за да им помага на гласачките и да ги упатува до гласачкото место, а избирачкиот одбор овој пат ќе треба континуирано да пушта гласачи веднаш по идентификацијата, но мора да се внимава зад параваните да има само по еден гласач.

Во првиот круг на локалните избори беа избрани градоначалници во 34 општини а гласаа 938.631 граѓанин со право на глас, или 51,44 отсто.

Денеска ќе има и прегласување на првиот круг и тоа на две избирачки места во Шуто Оризари и во Дебар каде се запишани околу 1.400 гласачи. За следење на изборите акредитирани се 1.598 набљудувачи, од кои 1.220 се домашни и 368 меѓународни. За следење на изборите се акредитирани и десет странски новинари.


Државната изборна комисија отвори бесплатен телефонски број 0800 555 44 за пријавување евентуални изборни неправилности и повреди на гласачкото право. Сите заинтересирани граѓани можат да се јават или да остават коментар до ДИК заедно со своите податоци за контакт за да добијат одговор на поставеното прашање.

За лицата со оштетен вид, слух и говор, пак, активен ќе биде телефонскиот број 076 488 360 на кој преку видео повик ќе можат да постават прашање до ДИК и да добијат одговор на знаковен јазик.

XS
SM
MD
LG