Без турканици и без поголеми застои се одвива вториот круг од локалните избори. Проблемите што се јавија во првиот круг, со уредите за читање отпечатоци од прсти, овојпат се значително редуцирани.
„Во однос на тоа со показалецот, сè се одвива во најдобар ред. До сега, во избирачкото место, 2813 немаме никаков проблем. Кој не може да се идентификува со отпечаток со прст, идентификацијата оди со лична карта“, вели Катерина Сивакова, претседателка на избирачки одбор на гласачко место 2813 во општина Центар.
Граѓаните со кои разговаравме се задоволни од начинот на кој се изведува гласањето. Проблемите со читањето на отпечатоците од прстите во првиот круг претежно се случуваа со постарите лица. Денешните искуства на таа група граѓани се генерално позитивни.
„Минатиот круг имав проблем со електронското читање на отпечатокот од прстот. Сега сè е во ред“, ни изјави жител на општина Центар од Скопје.
изборите да си бидат како што доликува на едни интелектуалци кои живеат тука. Неранимајковци не треба ни воопшто да гласаат овде, ниту да натераат некого, да потплатат, ниту да го врбуваат да гласа за некогоЖител на општина центар
На гласачките места во скопските општини Центар и Карпош има по две кутии. Една за градоначалник во наведените општини и една за градоначалник на Скопје. Избирачките одбори регистрирале поголема излезност во споредба со првиот круг.
„Почнавме во 07.00 часот, точно, немаше никакви застои. До сега (н.з. 13.00 часот) излезеноста е околу 25 проценти“, ни изјави Гоце Ставрески, претседател на Избирачки одбор на гласачко место 2622 во општина Карпош
Гласачкиот ден до пладне се одвива и без сериозни инциденти. Воедно и самите гласачи посакуваат целиот процес да остане во рамките на демократијата.
„Пораката е изборите да си бидат како што доликува на едни интелектуалци кои живеат тука. Неранимајковци не треба ни воопшто да гласаат овде, ниту да натераат некого, да потплатат, ниту да го врбуваат да гласа за некого“, порача Никола Дуздевски, гласач од општина Центар.
Гласачките места треба да бидат затворени во 19 часот.
„После 19 часот, тие што се пред вратата, во холот пред гласачкото место. Поставуваме еден член од избирачкиот одбор и последниот откако ќе гласа, го затвораме гласачкото место“, објаснија од гласачкото место во Карпош.
Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски на попладневната прес-конференција истакна дека низ државата се гласа мирно.
„Немаме некои пријави дека има неправилности на некое гласачко место во државата. Сметам дека во цела држава барем до сега се гласа мирно и со користење на уредите со отпечаток на прст, без проблеми. Посакувам така да остане до крајот на денот“, рече Даштевски.
Тој воедно соопшти дека излезноста до 13 часот била нешто над 25 проценти.
Доколку се соочат со нерегуларности и повреди на гласачкото право, граѓаните можат да известат на бесплатниот телефонски број на Државната изборна комисија: 0800 555 44. На вториот круг се гласа во 44 општини.