Линкови за пристапност

Толпи народ повторно кај аеродромот во Кабул после нападите


Бомбаши самоубијци убија десетици цивили и најмалку 13 припадници на американските воени сили. Одговорноста ја презеде ИСИС

Толпите луѓе очајни да го напуштат Авганистан се вратија на аеродромот во Кабул, откако повторно продолжи евакуацијата која поради вчерашните бомбашки напади беше во застој. Во нападите загинаа повеќе од сто лица.

Американскиот претседател, Џо Бајден, вети одмазда кон одговорните за нападите, во кои загинаа 13 припадници на американскиот воен персонал и десетици цивили кои чекаа пред аеродромот со надеж дека ќе ја напуштат земјата што веќе е под контрола на Талибанците.


„Тие што го извршија овој напад, како и секој што сака да ѝ нанесе штета на Америка, треба да знае дека, нема да простиме“, рече Бајден во синоќешното обраќање до нацијата додавајќи: „Ќе ве ловиме и ќе ве натераме да платите“.

Одговорност за нападот презеде Исламска држава, неколку часа после нападот од бомбаши самоубијци, а кој се случи на две локации во близина на аеродромот „Хамид Карзаи“ во Кабул.

Се смета дека виновна за нападот е фракцијата ИСИС-К, којашто доаѓа од провинцијата Корасан, сместена меѓу Пакистан и Авганистан.

Бајден во обраќањето истакна дека им наредил на командантите да развијат оперативни планови за напад врз ИСИС-К и тоа време и место што САД ќе го изберат.


Кусо после обраќањето на Бајден, прес-секретарот на Белата куќа даде дополнителна изјава во која нагласи: „Ќе ги ловиме овие терористи и ќе ги убиеме, каде и да се“.

Во нападот, според новинската агенција „Паџвок“, загинале најмалку 90 Авганистанци.

Осумнаесет повредени лица од американскиот воен персонал, биле евакуирани од Авганистан со медицински авион. Во последната декада, вчерашниот напад се смета за најсмртоносен ден за американската војска во Авганистан.

XS
SM
MD
LG