Линкови за пристапност

На проба со првиот инклузивен хор во Скопје: Уметници со Даунов синдром затоплуваат сечие срце


Стефан, Илина, Марио, Ивана... се дел од првиот инклузивен хор во Скопје, кој го сочинуваат десетина лица со Даунов синдром. Бевме да ги посетиме на една од нивните проби каде разговаравме за тоа што го посакуваат, но и за премрежјата со кои се соочуваат овие лица.

- Како се викаш?

- Стефан.

- Колку години имаш?

- Дваесет и три.

Младиот Стефан е член на првиот инклузивен хор во Скопје. Цртежот што го држи во рака е неговата замисла за нему омилената песна „Не стој Доне Донке“.

Хор на лица со Даунов синдром: Со глас и ентузијазам затоплуваат сечие срце
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:31 0:00

Стефан и другите членови од хорот ги запознавме додека одржуваа проба со разновиден музички репертоар.

Хорот неодамна се појави во јавноста. Ентузијазмот со кој настапија пред насобраната публика, никого не остави рамнодушен.

Формирањето на хорот е резултат од соработката меѓу Здружението за лица со Даунов синдром „Трисомиjа 21“ од Скопје и Едукативниот културен центар „Колектив Ветерница“. Сè почнало во екот на пандемијата.

Онлајн условите наметнаа со оваа специфична група да работиме преку песна. Тоа беше начинот за допир преку душата. Така го надополнувавме недостатокот од физички контакт, но работевме и на своите вокални способности, израз“, вели нивната менторка, Билјана Димитрова од креативниот центар „Колектив Ветерница“.

Начинот на кој работат вклучува различни форми на себе изразување. Стиховите од песните ги претвораат во мелодија, во движење, но и во цртеж.

„Јас сакам да пеам тука. Ова е мојата група“, вели 43-годишниот Оливер.

Додека бевме со нив, увидовме дека секој од членовите на овој хор има желба да ја покаже сопствената креативност.

„Здраво, јас сум Марио Мицковски. Имам 21 година. Омилена песна ми е ‘Дафино вино црвено’. Сакам многу да пеам и да танцувам. Сакам многу и пливање“, објаснува 21-годишниот Марио Мицковски.

„Јас се викам Елизабета Петковска. Имам 50 години. Мојата песна е ‘Море сокол пие’. Многу сакам да правам накит и такви работи“, додава Бети.

Според нивната менторка, уметноста е движечка сила преку која и лицата со попреченост можат да се изразат себе си во општеството.

„Уметноста треба да биде достапна за сите и културата е една основна алатка којашто го држи ова општество да биде здраво, да се препознава себе си, да го види другиот, а со цел да може да се види и себе си“, истакнува Димитрова.

На пробата ја запознавме и Илина. Буквално дотрча да ни раскаже за сето тоа што сака да го прави.

„Здраво. Јас сум Илина, имам 18 години. Ова е песната ‘Море сокол пие’. Многу сакам да ги пеам ‘Лева патика’, со ‘Неправда’. Многу сакам да пливам, да танцувам“, ни наброи Илина.

Таму беше и 28-годишниот Дарко. На стиховите од „Дафино вино црвено“ го додаде и кучето што им прави друштво за време на пробите.

„Вино, црвено. Бела лута ракија. И, кучето“, ни покажа Дарко.

Желбите на овие лица се реални. Посакуваат работи како и секој нивни врсник и сограѓанин. Но, со години општеството ги држело настрана.

„Долги години не е работено со оваа популација и не е направено нешто за нивниот живот да се подобри. Меѓутоа тоа не значи дека треба да се застане на ова ниво. Треба да се продолжи и понатаму“, вели Јамболка Димитрова, претседателката на здружението за лица со Даунов синдром, „Трисомија 21“ од Скопје.

Додека се дружевме на пробата, секој посака да ни го покаже тоа што го знае, но и тоа што го посакува.

„Јас имам и куче. Јас ќе ја пеам ‘Со маки сум се родил’“, ни кажа 21-годишниот Матеј Аларов.

„Јас сум Ена Митревска. Сакам да ги пеам сите песни. Омилени ми се сите овие“, ни покажа 35-годишната Ена која ја пееше песната „Лиду, Лиду ду“.

Малите можности за работа, ограничените бенефиции, ранливата здравствена состојба се само дел од грижите со кои се соочуваат.

„Нешто им е дадено. Ослободени се од партиципација до 26. Година. После тоа, не се ослободени од ништо, најнормални се како целата популација. Но токму тогаш тие имаат повеќе потреби од повеќе области. Тие се покревки со здравјето и најчесто се со хронични заболувања“, додава претседателката на „Трисомија 21“.

Инволвираните укажуваат дека е неопходен долготраен пристап за надминување на општествените препреки.

„Доколку постоиме континуирано и создадеме здрави групи коишто ќе имаат што да покажат, тогаш ќе очекуваме и некакви резултати во општеството. Со инстант инјекции, со брзи и кратки реклами, не можеме да постигнеме долгорочни резултати“, посочува менторката Димитрова.

Во јавноста свеста за лицата со попреченост бележи нагорна линија. Но, како што велат родителите, многу поголема одговорност треба да покажат создавачите на законите.

„Многу е битно во државата ова да допре до тие што ги носат законите, што одлучуваат и што во основа, преку закони и решенија ќе им го олеснат животот на овие лица“, вели Јамболка Димитрова од „Трисомија 21“.

На пробата во „Колектив Ветерница“ недостасуваа неколкумина од инклузивниот хор. Сепак и тие што беа таму, ни приредија мини концерт на ним својствен начин.

XS
SM
MD
LG