Линкови за пристапност

Некои со легални влогови, а некои и со крадење струја: Сè повеќе македонски граѓани „копаат“ криптовалути


Биткоин, етериум, тетер... Тие се само дел од околу 4.000 криптовалути што се во оптек низ светот. На нив не се имуни ниту македонските граѓани. Но, за да се дојде до овие „парички“ со атрактивна вредност потребни се големи инвестиции, а доста често и многу потрошена струја

Што се криптовалути?

„Криптовалути се како едно платежно средство, замена за пари. Разликата во криптовалутите и во фиат валутите е што криптовалутите постојат само во електронска форма. Работат врз база на посебен софтвер, блокчејн систем. Тоа е една нова технологија, измислена неодамна, официјално од 2008 година, со почетокот на првата криптовалута, односно биткоин“.


Тоа е објаснувањето од Дарко Симуновски, сертифициран познавач на криптовалутите. Според него, за десет години ќе се случи целосна експанзија на тие платежни средства и на системот за трансакции на којшто тие се базираат.


„Нешто што ќе го промени светот. Не само криптовалутите како појава, туку и самиот софтвер на којшто тие се базирани, блокчејн. За десет години, многу компании и фирми ќе го користат тој систем“, додава Симуновски.

Не само криптовалутите како појава, туку и самиот софтвер на којшто тие се базирани, блокчејн. За десет години, многу компании и фирми ќе го користат тој систем
Дарко Симуновски, Сертифициран познавач за криптовалути


Македонските граѓани сè повеќе инвестираат во овие електронски пари. Најпопуларен е биткоинот и основниот начин да се дојде до него е со таканаречено копање преку компјутерски уреди.

„Првото беше со обичен компјутер, можеше и со обичен лаптоп. После тоа се ставија некои посилни компјутери, па веќе во третата генерација дојдоа графички картички. Тие можат да обработат доста податоци во еден момент. Последната генерација се компјутери, одредени само за копање“, вели Симуновски.


Сепак, целата таа апаратура троши многу електрична енергија и сериозно ја оптоварува мрежата. Од ЕВН велат дека потрошувачката особено скокнала пролетва.

„Едно домаќинство, ако има потреба од одредена потрошувачка, доколку инсталира компјутери што копаат криптовалути, тоа значи дека може да потроши енергија за 20 или за 30 домаќинства, што го нарушува напојувањето на сите соседни корисници на таа напојна точка“, истакнува Ленче Карпузовска, менаџерка на Оддел за комуникации во ЕВН.

Прават паралелни диви приклучоци, со паралелни кабли со многу поголеми пресеци и така ја крадат и дистрибуција и ја нарушуваат целата околина
Ленче Карпузовска, Менаџер за односи со јавност, ЕВН


Според податоците од компанијата, појавата е најзастапена во Скопје, Тетово, Арачиново, како и во Чаир, Ченто и Шутка. Не се мали случаите и на диви приклучувања кон електричната мрежа. Целта е да се избегнат високите сметки, кои за копање криптовалути често се пресметуваат и во стотици евра.

„Прават паралелни диви приклучоци, со паралелни кабли со многу поголеми пресеци и така ја крадат и дистрибуција и ја нарушуваат целата околина. Штета трпиме сите, и компанијата и граѓаните. Дополнително можат да настанат проблеми и од типот на пожар или да се запали инсталација што не е соодветна за таа потрошувачка“, додава Карпузовска.


Проблемот со потрошувачката на електричната енергија при копањето криптовалути е глобален. Како решение сè погласно се посочуваат обновливите извори на енергија.

„Овој проблем многу едноставно ќе се реши со само една законска регулатива, со која ќе им се наложи на сите тие што сакаат да се занимаваат со рударење, тоа да го прават само со обновливи извори на енергија, а не да се оптоварува мрежата на овој начин“, смета Симуновски.


Своевидна позитивна страна е што секоја криптовалута е во ограничен број. Максимумот биткоини што можат да циркулираат низ светот е 21 милион.

Прогнозите се дека кога ќе се достигне таа бројка, сегашниот вид копање и енормно трошење електрична енергија ќе исчезнат. Тоа што би следело е тргување со тие валути. Цената, пак, на нешто што е во ограничена количина, останува само да се предвиди.

XS
SM
MD
LG