Линкови за пристапност

Во САД преговори за помош кон Украина


АРХИВА - Зградата на американскиот Каптиол фотографирана на 18 декември 2023 година, во Вашингтон.
АРХИВА - Зградата на американскиот Каптиол фотографирана на 18 декември 2023 година, во Вашингтон.

Републиканците со услов – финансирање за граничната безбедност, па гласање помош за Украина

Американските законодавци ќе работат на Божиќ во обид да дојдат до договор за безбедноста на границите во замена за гласовите на републиканците за испраќање поголема помош за Украина.

„Ние сме посветени да одговориме на потребите на јужната граница и да им помогнеме на сојузниците и партнерите да се соочат со сериозни закани во Израел, Украина и Индо-Пацификот. Сенатот нема да дозволи овие предизвици за националната безбедност да останат неодговорени“, истакнаа вчеравечер во заедничка изјава лидерот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер и лидерот на малцинството во Сенатот Мич Меконел.

„Додека преговарачите работат на преостанатите прашања, се надеваме дека нивните напори ќе му овозможат на Сенатот да преземе брза акција за дополнителната национална безбедност на почетокот на новата година“, се додава во соопштението.

Шумер претходно рече дека иако е оптимист за напредокот на преговорите, на законодавците им треба повеќе време.

„Знаеме дека тоа нема да биде лесно да се направи“, рече највисокиот демократ во Сенатот. „Но и ние знаеме дека тоа мора да го завршиме. И додека постигнавме важен напредок во изминатата недела за безбедноста на границите, сите се согласуваат од двете страни дека е потребно повеќе време“.

Лидерот на малцинството во Сенатот, Мич Меконел, исто така, ги призна тешкотиите, нагласувајќи дека последниот голем дел од законодавството за имиграцијата и граничната безбедност се преточи во закон кон крајот на 1980-тите.

„Не сме усвоиле значаен закон за имиграција од вториот мандат на Реган. Ова не е лесно. Но, ние работиме напорно за да постигнеме исход бидејќи тоа што побрзо и треба на земјата“, изјави Меконел, кој алудираше за периодот на поранешниот претседател Роналд Реган, кој служеше во 1980-тите.

САД досега одвоија повеќе од 100 милијарди долари за вооружување и поддршка на Украина откако Русија ја започна инвазијата во февруари 2022 година. Американскиот претседател Џо Бајден побара од Конгресот да се одобрат уште 60 милијарди долари. Републиканците во Конгресот стануваат сè поскептични во врска со потребата да се продолжи со преземање на средства за одбрана на Украина.

Изминатите недели, републиканците во Сенатот го условуваа одобрувањето на какви било дополнителни пари за Украина со истовремено зајакнување на правилата за имиграција насочени кон намалување на бројот на луѓе кои илегално влегуваат во САД на нејзината јужна граница и протерување на некои кои веќе се во земјата.

Белата куќа предупреди дека има доволно пари само за уште еден пакет воена помош за Украина пред да истече финансирањето на крајот на годината.

„САД преовладуваат со воената поддршка“, изјави за Гласот на Америка Колин Клири, професор на Универзитетот Џорџ Вашингтон и ветеран на Службата за надворешни работи во Украина.

„Кризата би била кај војската ако нема помош. Позиционото војување бара многу муниција и залихи, како и заштита на цивилната инфраструктура преку воздушна одбрана“, рече тој.

Дури и ако договорот помине во Сенатот, тоа може нема да се случи во Претставничкиот дом каде републиканците имаат тесно мнозинство. Група членови на републиканци во Претставничкиот дом се противи на дополнителна помош за Украина, а партијата неодамна изгласа спикер кој соработуваше со демократите за усвојување на закони.

Претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, кој ја презеде функцијата на претходникот Кевин Мекарти кој беше остранет, рече дека повеќе средства за границата се од суштинско значење за секој украински пакет помош. Сепак, тој бара повеќе услови за помошта.

„Се чини дека администрацијата на Бајден бара дополнителни милијарди долари без соодветен надзор, без јасна стратегија за победа и ниту еден од одговорите за кои мислам дека американскиот народ е должен“, рече тој.

Меѓународна реакција

Минатата недела рускиот претседател Владимир Путин јавно го прослави фактот дека Украина се чини дека ја губи поддршката во Западот.

„Украина денес не произведува речиси ништо. Тие се обидуваат да зачуваат нешто, но практично не произведуваат ништо и добиваат сè бесплатно“, рече тој. „Но, тоа може да заврши во одреден момент и очигледно малку по малку се ближи крајот.“

Додека противниците на помошта за Украина често ги оцрнуваат пакетите со помош како „бланко чек“ предаден на украинската влада, најголемиот дел од помошта е во воена форма. Пакетите за помош претежно се парите потрошени во САД за плаќање на производителите на оружје за опремата што САД ја испраќаа во Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека е уверен дека САД нема да ја „предадат“ неговата земја со задржување на клучните финансиски средства за време на војната додека се бори против руската инвазија.

„Работиме многу напорно на ова и сигурен сум дека САД нема да не изневерат. За тоа што се договоривме во САД целосно ќе биде исполнето“, рече Зеленски.

XS
SM
MD
LG