Во Косово прогласен е Ден на жалост, по смртта на полицаецот убиен од српски вооружени лица, кои потоа се забарикадираа во православен манастир северно од главниот град Приштина.
Веднаш не беше јасно кој ги поддржува околу 30-те вооружени напаѓачи кои беа облечени во борбени униформи и употребија оклопно возило за да упаднат во манастирот во Бањска и да се вклучат во судир во неделата со косовската полиција.
Повеќето од вооружените напаѓачи успеаја да побегнат од манастирот вечерта во неделата. Најмалку тројца од нив беа убиени, а двајца уапсени.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти се обвинија меѓусебно за судирот.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во понеделникот го осуди насилството.
„Сторителите на ова кривично дело мора да одговараат преку транспарентен истражен процес. Ги повикуваме владите на Косово и Србија да се воздржат од какви било дејствија или реторика што може дополнително да ги разгорат тензиите и веднаш да работат во координација со меѓународните партнери за деескалација на ситуацијата, обезбедување безбедност и владеење на правото и враќање на европскот дијалог“, рече тој.
Одделно, шефот на Мисијата на ОН во Косово, Каролин Зиадех повика напаѓачите „да одговараат“. Зиаде ги даде своите коментари на X, платформата порано позната како Твитер.
Србија и Косово во судир се со децении. Во војната меѓу нив од 1998 до 1999 година загинаа повеќе од 10 000 луѓе, главно косовски Албанци.
Во меѓувреме, во Русија, портпаролот на Кремљ рече дека ја следи, како што рече, напнатата и потенцијално опасна ситуација во Косово.
Косово прогласи независност во 2008 година, но Белград одби да го признае. Русија застана на страната на Србија за непризнавање на Косово.