Линкови за пристапност

Војниците од Северна Кореја се борат и гинат во Курск, вели Пентагон


ТВ екран прикажува слики од севернокорејски војници за време на информативна програма на железничката станица во Сеул, Јужна Кореја, 18 октомври 2024 година
ТВ екран прикажува слики од севернокорејски војници за време на информативна програма на железничката станица во Сеул, Јужна Кореја, 18 октомври 2024 година

Војниците од Северна Кореја се борат и умираат заедно со руските сили како дел од војната на Москва против Украина, според најновата проценка на Пентагон.

„Севернокорејските војници се вклучија во борба во Курск со Русите, заедно со руските сили“, изјави за новинарите во понеделникот портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер.

„Имаме индиции дека тие имале жртви, убиени и ранети“, рече Рајдер, додавајќи дека учеството на севернокорејските трупи во војната засега е „ограничено на Курск“ во Русија.

Пентагон не сподели детали за обемот на севернокорејските жртви.

Гласот на Америка се обрати до Руската амбасада во Вашингтон, која допрва треба да одговори на барањето за коментар.

Портпаролот на Кремљ ги упати прашањата за оценката на САД до руското Министерство за одбрана, кое исто така допрва треба да коментира.

Американските воени и разузнавачки претставници претходно изјавија дека Пјонгјанг испратил околу 12.000 војници во Русија да тренираат со руските сили во очекување дека ќе се приклучат на војната на Москва против Украина.

Но, САД велат дека севернокорејските сили се приклучиле на руските борбени операции дури во изминатата недела.

Американската потврда дека севернокорејските војници се борат во руската војна против Украина дојде неколку часа откако украинската тајна агенција соопшти дека најмалку 30 севернокорејски војници биле убиени или ранети во борбите во неколку села низ регионот Курск.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата ја обвини Русија дека користи „значителен број севернокорејски војници во нејзините напади“, опишувајќи ги севернокорејските загуби како „забележливи“.

Во понеделникот тој обвини дека Москва се обидува да ги прикрие жртвите нанесени на севернокорејските трупи.

„Прелиминарните податоци сугерираат дека Русите се обидуваат да ги прикријат загубите на севернокорејските војници , рече Зеленски, додавајќи дека нема ниту една причина тие да гинат во оваа војна.

Пентагон вчера соопшти дека Украина има целосна поддршка во таргетирањето на севернокорејските трупи.

„Како што рековме цело време, тие [севернокорејски] сили се легитимни воени цели за Украинците, имајќи предвид дека тие се вклучени во активни борбени операции“, рече Рајдер.

Претходно, САД и клучните сојузници дадоа изјава во која го осудуваат растечкото учество на Пјонгјанг во војната како „опасно проширување“ на конфликтот.

Претставниците на Стејт департментот, исто така, ги предупредија Москва и Пјонгјанг за испраќањето севернокорејски трупи во Украина.

„Ако ја преминат границата во Украина, тоа би било уште една ескалација“, рече портпаролот на Стејт департментот Метју Милер одговарајќи на прашање на Гласот на Америка.

Одредени информации во текстот се од Ројтерс

XS
SM
MD
LG