Линкови за пристапност

Власта ликува, ДУИ ќе ја почитува одлуката за ставање на Артан Груби на „црната листа“


Од ДУИ, партијата на Груби, денеска, по повеќе од 12 часа од објавувањето на веста, изјавија дека ја почитуваат одлуката на Стејт департментот
Од ДУИ, партијата на Груби, денеска, по повеќе од 12 часа од објавувањето на веста, изјавија дека ја почитуваат одлуката на Стејт департментот

Владејачките партии ликуваат, опозицијата ја поздравува, а ДУИ ќе ја почитува – така изгледа домашната политичка сцена по одлуката на Стејт департментот на т.н. „американска црна листа“ да ги стави поранешниот заменик-премиер и висок функционер на „интегративците“ Артан Груби, како и судијата Енвер Беџети, поради вмешаност во значителна корупција.

„Власта на СДС и ДУИ, предводена од Артан Груби, се докажа дека е до гуша во корупција... Со ова се докажува дека на партнерот на СДС, ДУИ воопшто не му е грижа за народот, туку и протестите пред Уставен суд се само една драма за да ги скријат своите криминали“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ДУИ, партијата на Груби, денеска, по повеќе од 12 часа од објавувањето на веста, изјавија дека ја почитуваат одлуката на Стејт Департментот.

„Како партија, остануваме посветени на стратешката соработка со Соединетите Американски Држави и на зајакнување на демократските вредности и транспарентноста“, стои во кусото соопштение на ДУИ.

Социјалдемократите, во чии влади во изминатите години Груби беше вицепремиер, ја поздравија одлуката на Вашингтон велејќи дека е исклучително важна во борбата против корупцијата.

„Сите сомнежи за корупција мора да бидат истражени и санкционирани без компромис од страна на правосудните органи во Северна Македонија. Го охрабруваме целиот правосуден систем во државата да работи посветено и без двоумење на расчистување со сите форми на криминал и корупција, со цел да обезбеди праведност и еднаквост за сите граѓани“, е позицијата на СДСМ.

Од врвот на Алијанса за Албанците, коалицискиот партнер на партијата на Ахмети, стигнаа повици до Груби и до Беџети да се повлечат од политичкиот живот и од институциите.

„Борбата против корупцијата означува важен чекор во градењето на владеењето на правото и нашата иднина. Ги повикуваме апострофираните да се повлечат од институционалниот и политичкиот живот и да се соочат со обвиненијата како слободни граѓани“, пишува Зијадин Села.

Еден час откако вчеравечер Стејт департментот ја обелодени одлуката, самиот Артан Груби се произнесе на социјалните мрежи.

„Во недостиг на детални информации, дознав од медиумите за денешната одлука на Стејт департментот. Како човек кој својот јавен живот го посвети на одбраната на западните демократски вредности и кој секогаш посветено работеше за членството на земјата во НАТО и во Европската Унија, оваа одлука ме засега директно и лично. Ќе се обврзам со сета посветеност и максимално, заедно со сите наши пријатели и партнери, со кои ја споделувавме визијата и работевме со години за интеграција на земјата во евроатлантските структури, целосно да го разјасниме ова прашање“, напиша Груби на Фејсбук.

Ваквата ситуација и назначувањето на Груби и Беџети на „црната листа“ за американската амбасадорка во земјава е доказ дека САД нема да дозволат мешање во судството.

„Денешното именување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира. Соединетите Држави ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучени во значителна корупција што ги поткопува демократските институции и ја нарушува довербата на јавноста. Никој не е над законот, а одговорноста е суштинска за напредок“, објави Анџела Агелер на Фејсбук.

Артан Груби и Енвер Беџети се најдоа на листата поради „вмешаност во значителна корупција“ – поточно поради примање поткуп за судските процеси кои се водеа против Сашо Мијалков, поранешниот директор на сега веќе расформираната Управа за безбедност и контраразузнавање.

„...Стејт департментот јавно ги означува Артан Груби и Енвер Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност и контраразузнавање на Северна Македонија“, стои во образложението на Стејт депарментот.

Инаку, и самиот Мијалков од 2022 година се наоѓа на црната листа поради истите причини – вмешаност во корупција.

XS
SM
MD
LG