СКОПЈЕ – Предлогот на фискалниот совет да се зголеми старосната граница за пензионирање предизвика бура реакции во јавноста и речиси да не доби никаква поддршка од граѓаните, синдикатите и институциите.
Владата денес официјално соопшти дека нема да го прифати предлогот за зголемување на старосната граница и ќе бара друг начин да ја пополни дупката во Фондот.
„Во овој момент, она што направивме е усогласување на пензиите од 5.000 денари. Имаме активна методологија, имаме закон по кој што се работи. Остануваме посветени и на состојбата во Фондот за ПИОМ и ќе ги разгледаме сите состојби како да имаме еден стабилен систем. Во овој момент не се размислува за она што беше предлог од страна на Фискалниот совет“, изјави Марија Митева портпарол на Владата.
Од Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) се остро против одење во пензија со 67 години. Оттаму велат дека треба да се направи стратегија како да се задржат младите во државата и да им се понудат квалитетни работни места како единствен начин да се полни касата на ПИОМ.
„ Потребни се сериозни политики и мерки за зголемување на бројот на вработување на младите по пат на реални и одржливи работни места кои ќе бидат резултат на нови домашни или странски инвестиции и зголемување на платите, а со тоа и зголемување на средствата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и намалување на сиромаштијата ,како и политики и мерки за пристојна работа за сите со почитување на правата од работен однос според меѓународните трудови стандарди со цел да се задржат младите луѓе да работат и живеат во сопствената држава“, соопштија од ССМ.
Наместо на 67 години, Синдикатот апелира да се отвори дебата и да се разгледаат можностите за предвремено пензионирање на работниците со исполнување на услови.
„ Потребно е воведување на повеќе услови за пензионирање, како пензионирање со навршени 40 години работен стаж за мажи и 35 години работен стаж за жени, предвремено пензионирање, воведување на бенефициран стаж за градежните работници како и во други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови за работа кои штетно се однесуваат на животот и здравјето на работниците, старосна пензија - по возраст или работен стаж - по дејности, предвремена старосна пензија по возраст, неполна старосна пензија по возраст обезбедување на можност за докуп на стаж“, велат до ССМ.
Еден од начините за полнење на дупката во ПИОМ, според ССМ е да се стегне обрачот околу неплаќачите на придонеси бидејќи според нивните пресметки државата губи 250 милиони евра годишно.
Според постоечката законска регулатива старосната граница за пензионирање е 62 години за жени и 64 години за мажи и најмалку 15 години стаж а просечната пензија е околу 23.500 денари. Во моментов регистрирани се 337 илјади пензионери додека во државата според официјалните податоци има околу 690 илјади вработени.
Предлогот за зголемување на старосната граница Фискалниот совет ја образложи со фактот дека секоја година бројот на пензионери се зголемува за речиси 1.700 нови лица а истовремено поголем број работоспособно население трајно ја напушта државата и се намалува можноста за собирање на придонеси.
Facebook Forum