Линкови за пристапност

Ван Хаутe: Има уште многу работа за да се поправат нештата во Македонија


Ванхауте: Има уште многу работа за да се поправат нештата во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:53 0:00

Ванхауте: Има уште многу работа за да се поправат нештата во Македонија

По осум месеци ангажман како олеснувач во решавањето на политичката криза во Македонија, белгискиот експерт Питер Ван Хауте зборува за својот мандат.

Експертот Питер Ван Хауте, ангажиран од Европската комисија како олеснувач во политичкиот процес во Македонија за надминување на актуелната криза, го заврши својот мандат на оваа функција за чије извршување вчера доби орден „Офицер во кралскиот ред“ како признание за неговата борба за европски вредности. Орденот му го додели амбасадорката на Кралството Белгија од каде што потекнува господинот Ван Хауте.

По истекот на неговиот мандат, Гласот на Америка на македонски јазик побара коментар од Ван Хауте за неговото мислење околу актуелните состојби во Македонија.

„Никогаш не сум бил во земја во која толку многу луѓе се толку многу исплашени. Чувството на страв доминира во секој сегмент на општеството. Преговорите меѓу партиите мора да продолжат. Изборите не се решение за бројните проблеми. Прво треба да се решат проблемите, па за две или три години да се организираат избори. Според мене, рано е да се прават избори сега во јуни“ вели тој.

Во текот на неговиот осуммесечен мандат, посредникот Ван Хауте успеа да ги доближи ставовите на потписниците на договорот од Пржино во повеќе области како што се законските решенија за новиот закон за специјалното јавно обвинителство, Државната изборна комисија , изборниот законик и други законски и подзаконски акти кои требаше да ја обезбедат имплементацијата на договорот од Пржино. Како неуспех во неговиот мандат остана договорот за реформа на медиумскиот простор.

„Многу е јасно дека една партија го контролира целиот медиумски простор и не сака да се откаже од тоа. Според мене, ова беше суштинскиот проблем. Само преку укинување на таа контрола е возможно да се воспостави некаков систем на независни медиуми и за мене тоа е најголемиот проблем за било каков прогрес на оваа тема. Преку таа контрола на медиумите се воспостави таа атмосфера на страв“ изјави Ван Хауте.

Тој вели дека ќе остане во Македонија и ќе продожи да работи на проекти кои треба да го дефинираат патоказот на идниот демократски развој на Македонија. Ван Хауте во изјавата за Гласот на Америка вели дека државата е исправена пред бројни предизвици и дека ја чека многу работа.

„Многу работа има да се направи за да се поправат нештата, финансискиот систем , судството и образованието. Има многу работа во сите тие области и многу е важно да се доближат политичките партии за да се успее. Тоа е важен приоритет“ вели тој.

Питер Ван Хауте во Македонија беше ангажиран од страна на Европската комисија во процесот на решавање на политичката криза поврзана со настаните од 24 декември 2013 година, кога опозицијата го напушти Собранието. Како експерт, Ван Хауте во својата биографија бележи и негов ангажман од страна на ЕУ во реформските процеси во Косово.

XS
SM
MD
LG