Претседателот Доналд Трамп ги повлече САД од Транспацифичкиот трговски договор во кој се вклучени 12 земји.
Потпишувајќи ја извршната наредба, Трамп кажа: „Она што тукушто го направивме, е одлична работа за американскиот работник“.
Воедно, Трамп, како што вети во кампањата, прекина вработувања во многу владини агенции, како начин за намалување на трошоците во Владата и спречување на нејзиното зголемување.
По Трговскиот договор беше преговарано уште од 2009-та година за време на мандатот на поранешниот претседател Барак Обама, меѓутоа Конгресот не го ратификуваше. Бројни законодавци беа против или скептични по неговите одредби. Договорот ќе значеше трговија со Јапонија, Австралија, Нов Зеланд, Малезија, Чиле, Канада, Мексико и четири други земји.
Транспацифичкиот трговски договор ќе беше најголемиот регионален трговски договор во историјата, покривајќи речиси 40 проценти од светската економија и околу една третина од светската трговија.
Трамп претходно истакна дека американските мултинационални трговски договори ги чинат работниците од САД работни места, со оглед на фактот дека нивните работодавци ги пренеле операциите во странство, во потрага по поевтина работна сила.
За денеска е најавена средба на претседателот Трамп со спикерот на Претставничкиот дом Пол Рајан, а потпиша и други извршни наредби.
Во текот на неговата кампања, Трамп се заложи дека ќе ги отповика наредбите потпишани од поранешниот претседател Барак Обама, и дека откако ќе биде избран на функцијата, ќе објави план за првите денови работа на неговата администрација, што вклучува повлекување на САД од договорот за Транспацифичко партнерство, како и повторно преговарање за Северноамериканскиот договор за слободна трговија (НАФТА), со Мексико и Канада.