Линкови за пристапност

Почина Џон Стивенс, поранешен судија во Врховниот суд на САД


На 99 годишна возраст почина пензионираниот судија во Врховниот суд на САД, Џон Пол Стивенс. Тој на институцијата и се приклучи како конзервативен судија, за подоцна да постане гласен застапник на либералните вредности.

Стивенс почина вчера во болница во Форт Лодердејл, Флорида. Тој ден претходно доживеал мозочен удар.

Кога во 2010-та година тој се повлече од функцијата имаше 90 години и беше втор најстар и втор по должина на стаж судија во историјата на институцијата.

Конзервативецот Стивенс постепено стана лидер на либералното крило во Врховниот суд, застапувајќи се за правата на абортус, правата на хомосексуалците, против смртната казна и за афирмативна акција, мерка која има за цел да им помогне на Афро-американците и другите жртви на дискриминација да обезбедат подобри работни места.

Стивенс изјави дека со текот на годините неговите ставови се промениле затоа што тој отсекогаш учел на работното место.

Тој и по пензионирањето продолжи да ги застапува либералните идеи, повикувајќи на укинување на Вториот амандман кој ги штити правата на сопствениците на оружје.

Синоќа Белата куќа издаде соопштение со сочувство од претседателот Доналд Трамп и првата дама Меланија.

Претседателот Трамп за Стивенс кажа дека е правник чија работа „во текот на скоро 35 години во Врховниот суд ќе продолжи да ја обликува правната рамка на нацијата во годините што доаѓаат.“

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG