Линкови за пристапност

Трамп: Владата останува затворена бидејќи демократите не даваат пари за гранична безбедност


Претседателот најави дека денес ќе продолжи да преговара со демократите за постигнување решение

Во расправата за делумното владино затворање, претседателот на САД Доналд Трамп во обраќање пред нацијата повторно побара финансирање на ѕидот на границата со Мексико, како дел од мерките за зголемена гранична безбедност.

„Изминативе две години уапсени се 266.000 лица со криминално досие, во кои спаѓаат 100.000 случаи за напади, 30.000 за сексуално насилство и 4.000 брутални убиства“, рече Трамп.

Отсликувајќи ја ситуацијата на границата како хуманитарна и безбедносна криза, Трамп ги обвини демократите дека одбиваат да го решат проблемот.

„Федералната влада останува затворена поради една и единствена причина, а таа е е што демократите не сакаат да финансираат гранична безбедност“, додаде тој.

Демократите возвратија веднаш по говорот на претседателот.

„Ние не владееме избувливо. Ниту еден претседател не треба да бара да го добие само тоа што тој сака или во спротивно да се заканува со затворена влада на штета на милиони Американци“, изјави Чак Шумер, лидер на малцинството во Сенатот.

Демократите во Претставничкиот дом изгласаа закони за отворање на владата, но, претседателот ги одби.

„Токму поради неговата опсесија да изгради ѕид принудувајќи ги Американците да плаќаат милијарди долари за него, нешто што тој ветуваше дека ќе го направи Мексико“, рече Ненси Пелоси, спикерка на Претставничкиот дом.

Демократите се согласуваат да се издвојат 1.3 милијарди долари за гранична безбедност, додека Трамп инсистира да се обезбедат 5.7 милијарди долари за ѕид.

„На барање на демократите, тоа би било челична ограда место бетонски ѕид“, вели Трамп.

Демократите, пак, негираат дека побарале од Трамп челична ограда, нагласувајќи дека поддржуваат безбедност на границите.

„Ако се постигне компромис тоа би било во промена на реториката. Место да збориме за ѕидови, ќе користиме гранична безбедност како алтернатива“, смета Стивен Билет од Универзитетот Џорџ Вашингтон.

Трамп не прогласи вонредна ситуација, на што критичарите гледаат како можност тој да се обиде да изгради ѕид без конгресно одобрување.

Претседателот најави дека денес ќе продолжи да преговара со демократите за постигнување решение.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG