Американските власти се обидуваат да утврдат дали има некакви врски меѓу Исламската држава и двајцата вооружени напаѓачи на натпреварот за карикатура на пророкот Мухамед во Тексас.
Истражителите ги испитувааат Твитер профилите поврзани со едно од лицата како и електронските направи што двајцата ги користеле.
Исламската држава ја презеде одговорноста за нападот велејќи дека „двајца од војниците на калифатот“ го извеле нападот во Гарланд, близу Далас. Таа вели дека ова е нивниот прв напад на американска почва, и дека најлошото допрва доаѓа.
Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест кажа дека администрацијата на Обама не е подготвена да објави дека Исламската држава пристигнала во САД.
„Ние секако ќе се обидеме да ги утврдиме фактите. Има екстремисти низ цел свет, вклучувајќи и такви кои се поврзани со ИСИЛ, кои се обидуваат да капитализираат на можноста што се појавила преку социјалните медиуми, вклучувајќи и внатре во САД“, кажа тој.
Полицијата ги идентификува вооружените лица како Елтон Симсон и Надир Суфи. Двојката отворила оган на конференциски центар, ранувајќи лице од обезбедувањето пред полицијата да ги убие.
Судски документи покажуваат дека Симсон бил следен од властите од 2006-та и бил осуден во 2010-та за лажење на агенти на ФБИ во врска со неговата желба да се приклучи на насилниот џихад во Сомалија.
Група наречена Иницијатива за одбрана на слободата го спонзорирала натпреварот за карикатури, нудејќи 10.000 долари награда за најдобар цртеж на Мухамед.
Муслиманите сметаат дека секое прикажување пророкот е сквернавење.