Во недела, на 11 ноември, се одбележува 100 годишнината од потпишувањето на примирјето од Првата светска војна, кога на Западниот фронт стивна оружјето, означувајќи го крајот на конфликтот во кој беа убиени околу 40 милиони луѓе. Овој викенд, американскиот претседател Доналд Трамп ќе им се придружи на десетици други светски лидери во Франција на одбележувањето на 100 годишнината.
По должината на 700 километарскиот поранешен Западен фронт со помали церемонии ќе се одбележат 100 години од крајот на судирот кој збриша една цела генерација млади луѓе, го трауматизираше континентот и ја промени мапата на светот.
САД влегоа во конфликтот во 1917 година откако прогласија војна против Германија. Интервенцијата го означи почетокот на американското подлабоко инволвирање во европската безбедност. Но, постојат стравувања дека жртвата на САД е заборавена.
Историчарите велат дека американското вклучување во војната се случи подоцна, но имаше витално значење за зголемување на силата на сојузниците, но и моралот. На 26 септември 1918 година, армијата на САД ја започна Аргонската офанзива предводена од американскиот генерал Џон Џозеф Першинг. До ден денес тоа е најсмртоносната битка во историјата на американската армија.
Водичот и историчар Ренди Гаулк со децении ги истражува бојните полиња на Аргон.
„Главно, во првите неколку дена, напредувале релативно добро. Не толку колку што сакал генералот Перишинг, но сепак релативно добро“, вели тој. „Потоа Германците добиле засилување, така што било многу потешко да се напредува.“
Офанзивата траела 47 дена при што биле повратени стотици километри квадратни претходно заземени од германските сили. Како што француските и британските дивизии напредувале, Германија сфати дека поразот е неизбежен и потпиша примирје на 11 ноември 1918 година. Оружјето стивна во 11 часот претпладне, на единаесеттиот ден во месецот, во единаесеттиот месец во годината.
Во име на идеалите загубени се 116.000 американски животи. И покрај дадените жртви, Америка беше амбивалентна во врска со било каква трајна улога во европската безбедност во 1918 година, вели професорот по историја Вилјам Филпот на Кингс колеџот во Лондон.
„Во пракса, Америка не презеде таква улога на светско ниво каква што луѓето очекуваа веднаш по војната. Тоа траеше неколку години“, вели тој. “Европа не се смири, имаше повеќе проблеми меѓу Франција и Германија, особено околу прашањето за репарациите. И тука американското финансирање почна да игра улога во меѓународните односи.“
Две децении подоцна, светските сили повторно ќе влезат во војна во 1939 година. Американската воена сила стана решавачка во европската безбедност, вели Филпот.
„Гледаме дека е подигната за да го победи фашизмот, но гледаме и дека потоа се одржува поради заканата од Источниот блок. И покрај тоа што американската власт ја промени својата природа по завршувањето на Студената војна, сé уште гледаме дека Америка го задржала овој капацитет за да проектира моќ на глобално ниво и да дејствува како светски полицаец.“
За Америка како нација, таа улога е загрозена, бидејќи ривалите сакаат да ја оспорат доминацијата на САД.
За Америка како народ, стогодишнината од примирјето нуди шанса да се потсети на татковците и синовите кои никогаш не се вратија дома од војната.
Facebook Forum