Поранешниот советник за национална безбедност на претседателот Трамп, генералот Мајкл Флин, се чини дека го прекршил законот заради несоодветно разоткривање на исплати што ги добивал од странски влади за јавни ангажмани. Ова денеска го соопшти Комисијата за надзор на Претставничкиот дом.
Реткиот приказ на двопартиски консензус на Капитол хил, уследи откако Белата куќа го отфрли барањето на Комисијата да достави документи за контактите на Флин со странски државјани.
„Како поранешен воен офицер, едноставно не може да земате пари од Русија, Турција или од која било друга земја, а се чини дека тој земал пари“, изјави претседавачот на Комисијата за надзор, Џејсон Чавез, републиканец од Јута.
По едночасовен доверлив брифинг, Чавез истакна дека не видел докази дека Флин се придржувал на законот.
Конгресменот Илаја Камингс, влијателен демократ во истата Комисија, кажа дека контактите на Флин биле „голем проблем“. Тој додаде дека сега прашањето најверојатно ќе биде во надлежност на Комисијата за разузнавање на Претставничкиот дом. „Некој друг ќе одреди дали тој е виновен или не“, изјави Камингс за време на денешната прес-конференција за новинарите.
Законодавците додадоа дека Флин требало да добие дозвола за да има обраќање на гала-вечера, спонзорирана од Руската телевизија (РТ) во 2015-та година, за кое бил платен. Воедно, на истиот настан тој седел на иста маса со рускиот претседател Владимир Путин. За говорот тој добил 45.000 долари, а за лобирање во корист на владата на Турција, преку 500.000.
Камингс и Чавез рекоа дека се чини оти Флин не побарал или не добил задолжителна дозвола, и за тоа можно е да биде судски гонет.
„Верувам дека се бориме за душата на нашата демократија и тоа ме загрижува“, истакна Камингс пред новинарите.
Според законодавците, Комисијата од Белата куќа побарала информација за какви било напори на Флин да добие дозвола за тие исплати, за апликациите за безбедносна авторизација, како и документација за фондовите што можно е да ги примил од странски извори.
Белата куќа одговорила со тоа што ја упатила Комисијата до Одделот за одбрана. Претставникот на администрацијата на претседателот Трамп, Марк Шорт, изјави дека Белата куќа не поседува материјал за активностите на Флин пред тој да стане советник за национална безбедност.
Флин беше приморан да поднесе оставка, откако го излажал потпретседателот Мајк Пенс за неговите разговори со рускиот амбасадор во САД, Сергеј Кисљак за време на транзициониот период, пред претседателот Трамп официјално да ја преземе функцијата.
Во меѓувреме, Сенатската комисија за правосудство денеска соопшти дека поранешната вршителка на должноста главен правобранител, Сали Јеитс, и поранешниот директор за национално разузнавање Џејмс Клапер, ќе учествуваат на распит, посветен на наводното руско мешање во претседателските избори во САД, што ќе се одржи на 8-ми мај.
Јеитс и Клапер се очекува да сведочат и на јавен панел-распит на Комисијата за разузнавање, што треба да се одржи по 2-ри мај, кога директорот на Федералното истражно биро (ФБИ) Џејмс Коми, треба да се појави пред затворено сослушување на истата Комисија.
Минатиот месец Коми изјави дека неговата агенција истражувала дали членови на кампањата на Трамп соработувале со Русија, за да влијае на изборите. Американските разузнавачки агенции претходно донесоа заклучок дека Москва интервенирала во обид да влијае врз изборите во корист на Трамп.
Јеитс беше отпуштена од функцијата од страна на претседателот Трамп во јануари, откако одби да застане зад неговата извршна наредба за патување. Таа требаше да сведочи пред панел-група во Претставничкиот дом околу телефонски разговори меѓу поранешниот советник Флин и рускиот амбасадор Кисљак.
Facebook Forum