Додека Конгресот ги следи пропагандистичките напори на Москва кои целат на Американци, одредени законодавци вршат притисок за зголемена поддршка за програми емитувани во Русија, а финансирани од владата на САД.
Законодавците ова го кажаа во средата, за време на состанокот на Хелсиншката комисија, независна владина агенција, којашто ја следи демократијата и човековите права во Европа.
„Слободата на печатот сега е поважна од кога и да е, и апсолутно неопходна за да се спротивставиме на се` похрабриот руски претседател Владимир Путин“, истакна конгресменот Стив Чабот.
За да се помогне во спротивставување на овие напори, Чабот и конгресменот Адам Шиф пред Хелсиншката комисија, изјавија дека Одборот на емитувачи (BBG), под чиј надзор се Гласот на Америка и други емитувачки субјекти во САД, е од суштинско значење.
„Силен, независен слободен печат е природна пречка за големата стратегија на Путин. Мора да продолжиме да ги поддржуваме напорите на Одборот на емитувачи и на Гласот на Америка, за да обезбедиме избалансирана и сеопфатна платформа во регионот“, рече Чабот.
Дополнително, Комисијата за заштита на новинари, изминативе осум месеци документираше најмалку 13 одделни случаи во кои новинарите во Русија биле загрозени, физички нападнати или убиени во очигледна одмазда за нивната работа.
Русија, воедно се обидува и да ја ограничи употребата на интернетот. Изминатава година, Москва ги забрани виртуелните приватни мрежи (VPNs), коишто на корисниците им овозможуваат пристап до забранети веб-страници, како и анонимна употреба на услуги на интернет што овозможуваат текстирање.
„Токму во оваа околина ние, Гласот на Америка, работиме“, рече директорката на Гласот на Америка Аманда Бенет. „Нашиот мандат од Конгресот, е на светот да му ја претставиме американската приказна, да ја објасниме политиката на САД и да поттикнеме одговорна дискусија со точно, објективно и сеопфатно новинарство“.
Гласот на Америка низ Русија и поранешните советски држави се слуша на 11 јазици. Руската редакција на Гласот на Америка започна со емитување програма во 1947-та година.
„Заканите и заплашувањата не се нешто ново за нас, но последниве години, сведоци сме на зголемено омаловажување од страна на руските власти, необјасниви бирократски доцнења и се` поголема негативна јавна реторика за новинарството на Гласот на Америка“, рече Бенет.
Facebook Forum