Линкови за пристапност

Шеста ноќ по ред демонстрантите протестираат ширум САД


Некои од градовите воведоа полициски час откако ноќните демонстрации поради смртта на Џорџ Флојд во Минеаполис преминаа во насилство и грабежи

Шеста ноќ со ред демонстрантите излегоа на улиците ширум САД во неделата на протести поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд повикувајќи на промени, додека полицијата во многу области се обидуваше да спроведе полициски час.

Најмалку 4.100 луѓе се уапсени низ целата држава во текот на изминатите два дена, според Асошиетед Прес.


Лос Анџелес, Чикаго, Мајами, Детроит и Филаделфија се меѓу речиси 40 градови што забранија маршеви на улиците ноќе. Гувернерите на Тексас и Вирџинија прогласија вонредна состојба.

Во многу градови на почеток мирните протести подоцна ескалираа со пожари и кршење на излози на продавници. Полицијата со штитови и со палки се обидуваше да ги одбие демонстрантите, користејќи солзавец за разбивање на толпата.

Полицајците во Вашингтон користеле солзавец и чадни бомби за да растераат толпа од повеќе од 1.000 луѓе од паркот Лафајет наспроти Белата куќа. Толпата изразувајќи го својот револт кон полицијата, извикуваше: „Нема правда, нема мир. Не за расистичка полиција“.

Светлата што вообичаено ја осветлуваат надворешноста на Белата куќа ноќеска беа исклучени.

Градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баусер, издаде наредба за полициски час од неделата вечер до понеделник наутро и ја активираше Националната гарда на Дистритот Колумбија да ѝ помага на полицијата.

Војниците на Националната гарда ѝ помагаа и на полицијата во Атланта во спроведувањето на полицискиот час во текот на ноќта. Градоначалничката на Атланта, Кејша Ленс Ботомс, претходно во неделата отпушти двајца полицајци, а тројца други се суспендирани, сè додека не бидат разгледани обвинувањата за прекумерна употреба на сила во саботата навечер.

Војниците на Националната гарда ѝ помагаа и на полицијата во Атланта во спроведувањето на полицискиот час во текот на ноќта.


Во Њујорк немаше полициски час. Во текот на денот полицијата одржуваше растојание од демонстрантите, но во текот на ноќта имаше случаи каде полицијата интервенираше за растерување на толпата, при што демонтрантите фрлаа со предмети кон полицијата, а имаше и уапсени.

Демонстрациите започнаа во вторникот во Минеаполис, каде Џорџ Флојд, 46-годишен Афроамериканец, почина откако додека тој лежеше на земја со лисици на рацете, врз неговиот врат полицаец клечеше повеќе од осум минути.

Демонстрантите велат дека протестираат не само поради грубиот полициски третман кон Афроамериканците, туку воопшто поради системскиот расизам во САД.

Полицаецот кој клечеше на вратот на Флојд, Дерек Човин, првично беше обвинет за убиство од трет степен, а потоа за убиство од втор степен. Тој, и тројца други полицајци кои беа присутни и не интервенираа, беа отпуштени во вторникот. Човин треба да биде изведен пред судот во понеделник попладне во Минеаполис. Канцеларијата на јавниот правобранител во Минесота ќе ја преземе водечката улога во гонењето во овој случај.

Претседателот Доналд Трамп за најголемиот дел од насилствата за време на протестите ги обвини „Антифа и другите радикални левичарски групи“ и понуди федерална воена помош на Минесота.

Според извештаите во медиумите, Трамп на кратко бил одведен во петокот вечерта од страна на Тајната служба во подземен бункер во Белата куќа поради претпазливост.

„Белата куќа не ги коментира безбедносните протоколи и одлуки“, изјави за Гласот на Америка портпаролот на Белата куќа, Џуд Деер, кога беше запрашан за ваквите извештаи.

Џо Бајден, веројатниот претседателски кандидат на демократите, во неделата присуствуваше на еден од протестите и разговараше со Афроамериканците во Вилмингтон, во неговата матична држава Делавер. Тој апелираше до демонстрантите да не посегнуваат кон насилство.

„Нацијата е во болка во моментов, но не смееме да дозволиме оваа болка да нè уништи. Како претседател, ќе помогнам во водењето на овој разговор “, објави Бајден критикувајќи го насилството. „Протестирањето поради бруталноста е правилно и неопходно. Но, палењето и непотребното уништување не е“.

Најмалку 4.100 луѓе се уапсени низ целата држава во текот на изминатите два дена, според извештајот на Асошиетед Прес.

Бројни бизниси во Минеаполис претрпеа голема материјална штета во петокот, додека демонстрантите ги ограбуваа продавниците во соседството во близина на местото каде што почина Флојд. Сомалско-американски бизнисмен Ахмед Сијад Шафи изјави за Гласот на Америка дека вандали ги нападнале сите негови продавници во текот на ноќта.

„Тие ги искршија стаклата, вратите, прозорците“, изјави тој преку Скајп, „и зедоа сè што можат да земат“. Шафи, сопственик на ресторан и продавница за облека во Минеаполис, барајќи мирни протести, рече дека е „неприфатливо да се уништува личен имот“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG