Линкови за пристапност

Обама: На војната во Авганистан и` се гледа крајот


Потпиша договор за стратешко партнерство во Кабул за време на ненајавената посета.

Претседателот Барак Обама ја одбележа годишнината од акцијата во која беше леиминиран водачот на Ал-Каида Осама бин Ладен со куса посета на Авганистан. Тој потпиша стратешки договор со Кабул и во ова изборна година им порача на Американците дека на војната и` се гледа крајот.

Во синоќешното обраќање од армиската база Баграм во Авганистан, Обама рече дека САД можат да ја видат „светлината на новиот ден на хоризонтот“, откако минале повеќе од „една деценија под темниот облак на војната“.

Претседателот кажа дека ниту Американците, ниту Авганистанците не ја посакувале војната, но дека целта да се уништи Ал-Каида е на дофат.

За време на седумчасовната посета, Обама во кабул со авганистанскиот колега Хамид Карзаи го потпиша Договорот за стратешко партнерство. Во него се дефинирани идните безбедносни, економски и политички односи меѓу САД и Авганистан по 2014-та, кога повеќето сили на НАТО треба да завршат со борбените задачи. Договорот не наведува колкаво ќе биде армиското прируство на САД по овој рок, но затоа ветува американска помош за Авганистан во рок од една деценија по повлекувањето на американските сили.

Договорот им овозможува на САД да задржат намален број на војници во Авганистан по 2014-та за понатамошна обука на авганистанските армиски сили и операциите против Ал-Каида.

XS
SM
MD
LG