Линкови за пристапност

Јужна Кореја го поздрави договорот меѓу САД и Северна Кореја


По средбата во Сеул, државниот секретар Мајк Помпео замина за Пекинг да ја запознае кинеската влада со исходот од самитот во Сингапур

Претседателот на Јужна Кореја Мун Џае-Ин, изјави дека неговата влада ќе треба да биде флексибилна околу воениот притисок, доколку Северна Кореја е искрена за напорите за денуклеаризација.

Тој истакна дека ако Северна Кореја ги преземе чекорите за денуклеаризација и го продолжи дијалогот со САД, тогаш ќе биде потребна промена во духот на градење на взаемна доверба со Северна Кореја.

Мун воедно кажа дека внимателно ќе го разгледа прекинот на воените вежби со САД.

Претседателот на САД Доналд Трамп, неочекувано, по средбата со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун во Сингапур, објави прекин на овие активности. Двајцата лидери потпишаа договор, со кој се бара укинување на нуклеарната програма на Северна Кореја, со безбедносни гаранции на САД, со ветување за воспоставување нови односи САД-Северна Кореја, и враќање на преостанатите воени затвореници.

Јужнокорејскиот претседател на средбата со државниот секретар Мајк Помпео во Сеул, го поздравил резултатот од самитот, додавајќи дека разговорите помогнале за придвижување на регионот кон мир.

Помпео изрази уверување дека САД „презеле значаен чекор“ во Сингапур, а потоа ги отфрли извештаите на севернокорејските државни медиуми, дека претседателот Трамп се согласил на постепено укинување на санкциите против Пјонгјанг, велејќи дека претседателот бил многу јасен за низата чекори во процесот.

„Ќе добиеме денуклеаризација и само тогаш ќе има олеснување од санкциите“, истакна Помпео и додаде дека САД „дефинитивно“ сакаат севернокорејската акција да се денукеаризира до крајот на првиот мандат на Трамп или во јануари, 2021-та година.

По разговорите во Сеул, Помпео замина за Пекинг, на разговори со кинеската влада околу самитот Трамп-Ким Јонг Ун.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG