САД се надеваат на „големо, големо разоружување“ од страна на Северна Кореја, во рок од две ипол години, изјави државниот секретар Мајк Помпео, еден ден откако претседателот Доналд Трамп потпиша договор со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, повикувајќи на ставање крај за нуклеарната програма на Пјонгјанг.
Првиот човек на американската дипломатија, рече дека САД „дефинитивно“ сакаат севернокорејската акција за денукларизација на Корејскиот Полуостров да може да се верификува до крајот на првиот мандат на Трамп во Белата куќа, или во јануари, 2021-та година.
Тој воедно додаде дека одредено меѓусебно разбирање меѓу двајцата лидери, нема да биде во писмен договор, што значи дека претстои уште многу работа. „Но досега е сработено многу и тоа ќе биде појдовна точка штом ќе се вратиме на натамошните разговори“, истакна Помпео.
Критичарите на договорот рекоа дека јавноста нема детали што е договорено и дека Трамп направил премногу отстапки, особено по неочекуваната најава дека САД ги прекинуваат воените вежби со Јужна Кореја.
По самитот во Сингапур, претседателот Трамп преку Твитер кажа дека „нема повеќе нуклеарна закана од Северна Кореја“, иако во потпишаниот договор не е наведено како Пјонганг ќе се откаже од својата нуклеарна програма.
Facebook Forum