Линкови за пристапност

Отпуштен командантот на 7-та флота на САД


Американската морнарица нареди операциона пауза од два дена, по судирот со комерцијален брод во близината на Сингапур

Морнарицата на САД го отпушти од служба командантот на 7-та флота, по неколкуте судири на воени бродови, вклучувајќи го и оној во понеделникот, во кој загинаа 10 морнари.

Командантот на пацифичката флота, адмиралот Скот Свифт, денеска го отпушти вице-адмиралот Џозеф Окуа, како причина наведувајќи ја „изгубената доверба во неговата способност да командува“.

Окуа требаше да се пензионира во јануари, но неговото заминување беше поместено откако во последниве неколку месеци „Џон С. Мекејн“ стана втор американски ракетен разурнувач кој се судрил со комерцијален брод.

Свифт на вчерашната прес-конференција изјави дека нуркачите пронашле остатоци од човечки тела на бродот кој претрпел „значителна штета“.

Американските истражители се обидуваат да утврдат што довело до судир со танкерот кој пловел под либериско знаме.

Фотографиите покажуваат голема дупка во долниот дел на разурнувачот. Како резултат на тоа, некои простории за спиење и комуникација биле поплавени.

Како одговор на инцидентот, морнарица нареди итна пауза на операциите на американската флота.

Началникот за поморски операции, адмирал Џон Ричардсон, рече дека паузата од еден до два дена ќе им даде можност на командантите да оценат како се однесуваат командантите и какви се работните услови.

„Има нешто што не го разбираме“, изјави Ричардсон пред новинарите во Пентагон. Сепак, додаде тој, нема индикации дека некој намерно го предизвикал судирот.

Белата куќа објави соопштение во кое се наведува дека во инцидентот загинале 10 американски морнари.

„Во време кога морнарицата започна со процес на пронаоѓање на загинатите морнари, нашите мисли и молитви се со нивните семејства и пријатели,“ се вели во соопштението.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG