Мексиканскиот претседател Фелипе Калдерон ги повика американските законодавци да размислат за повторно воведување на забраната за продажба на огнено оружје, за да се спречи тоа да ја мине границата и да заврши кај мексиканските нарко-банди.
Калдерон ова го побара во обраќањето пред обата дома на американскиот Конгрес. Тој рече дека преку 80 проценти од 75-те илјади пиштоли и друг вид на огнено оружје одземено во Мексико изминативе три години води трага од САД.
Мексиканскиот лидер рече и дека насилството во неговата земја се зголемило токму во периодот кога американскиот Конгрес дозволи да истече забраната за продажба на огнено оружје во 2004-та година.
Калдерон го повика Конгресот да се зафати со со имиграционите реформи, потенцирајќи ја потребата од поправка на, како што го опиша „скршениот и неефикасен систем.“
Тој додаде дека неговата земја прави се` што е потребно да создаде можности и работни места за да ја намали миграцијата и луѓето да имаат причини да останат во Мексико.