На сенаторот Џон Мекејн му е дијагностициран рак на мозокот, соопшти клиниката „Мејо“ во Аризона.
Малигниот тумор бил откриен, откако 80-годишниот републикански сенатор, имаше хируршки зафат минатата недела, при кој му беше отстранет тромб кај левото око.
„Биопсијата откри тумор на мозокот, познат како глиобластома“, соопшти болницата.
Кабинетот на сенаторот изјави дека докторите уверуваат оти тој ќе заздрави по операцијата
„Докторите рекоа дека е добар, и оти неговото здравје во суштина е одлично“, рече кабинетот на Мекејн, додавајќи дека „натамошни консултации со клиниката ќе укажат кога тој ќе се врати во Сенатот.
Мекејн е во Сенатот повеќе од 30 години. Неговото семејство вели дека размислува за опции за натамошен третман, што најверојатно ќе вклучува хемотерапија и радијација.
„Нема воопшто да ве изненади, дека татко ми е тој што најмногу е смирен и е полн со доверба во целата ситуација“, изјави ќерката на Мекејн.
Мекејн има преживеано повеќе здравствени кризи во минатото, вклучувајќи и меланома – најопасна форма на рак на кожата
Претседателот Доналд Трамп изјави: „Сенаторот Џон Мекејн отсекогаш бил борец. Меланија и јас се молиме за него, и за неговото семејство. Оздрави брзо“.
Лидерот на мнозинството во Сенатот Мич Меконел изјави дека „Мекејн е херој на нашата партија, и на нашата држава. Ќе се соочи со овој проблем со неверојатна храброст, која што го одликува неговиот живот“.
Претходниот претседател Барак Обама, кој дојде на функција поразувајќи го Мекејн во 2008-та година, понуди поддршка преку Твитер:
„Џон Мекејн е американски херој, еден од најхрабрите борци што ги познавам. Ракот не знае кому се спротивставува. Покажи му Џон“.
Ваква форма на рак беше причина за смртта на сенаторот Тед Кенеди во 2009-та година, брат на поранешниот претседател Џон Кенеди.
Мекејн беше избран во Сенатот во 1986-та година. Неговото отсуство од Вашингтон оваа недела, го принуди Меконел да ја откаже планираната дебата за легислативата за здравствена заштита.
Facebook Forum