Линкови за пристапност

Легализација на канабисот, но со строга контрола


Правниците сметаат дека декриминализацијата или легализацијата на канабисот во Македонија може да се спроведе, но не по секоја цена

Употребата и одгледување на канабис во Македонија може и треба да се декриминалзира и легализира, особено кога станува збор за медицински цели. Но, за да се случи тоа потребна е широка и темелна дебата од сите аспекти, бидејќи ги засега сите сфери на општеството како и длабока анализа од експерти во правосудниот систем, полицијата, здравството и социјалниот сектор.

Ова се дел од заклучоците на денешната дебата „Легализација на канабисот во Македонија, да или не“, којашто се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, во организација на Здружението на канабис и зелени политики „Билка“ и Здружението на млади кривичари.

На дебатата зборуваа обвинителката Ленче Ристоска од СЈО, судијата Владимир Туфегџиќ, професорката по кривично право Александра Дејановска и адвокатот и претседател на „Билка“ м-р Јанаки Митревски.

Судијата Туфегџиќ истакна дека појдовна основа по прашањето е фактот што употребата на канабис е лична одлука и слободна волја, особено кај лицата кои боледуваат.

„Глупаво е да бидам конзервативен. Секој од нас си носи лични одлуки“, рече тој пред преполната сала.

За него најголемата дилема е, кој модел евентуално би бил прифатен за решавање на ова прашање.

„Најголемо изненадување е Израел кој оваа година донесе законски измени со што стана најлибералната држава во светот во поглед на канабисот. Во Италија исто така беа донесени нови закони откако анализата покажа дека државата троши многу и непотребно на гонење на кривични дела поврзани со канабисот“, додаде судијата Туфегџиќ.

За него нема никаква дилема кога станува збор за употребата во медицински цели, но сепак мора да се најде решение доколку се декриминализира рекреативната употреба.

„Проблемот е како тие 15 грама кои би биле легални ќе дојдат до консументот“, заклучи Туфегџиќ.

Обвинителката Ленче Ристоска ги анализираше постоечките закони во Македонија кои според неа се контрадикторни.

„Канабисот е регистриран како опојна дрога од прва категорија, а маслото од канабис е легализирано. Ако исклучоците се за медицински цели, како тогаш законодавецот одлучил канабисот да остане во првата категорија на опојни дроги. Врз основа на што се раководи законодавецот при легализацијата и зошто само за медицинска употреба без комплетно да се смени законската регулатива“, појасни таа.

Ристоска смета дека легализацијата е процес во кој покрај правниците мора да бидат вклучени МВР и здравствените работници. Потребна е и анализа дали употребата на канабис генерира криминал и каков.

„Легализација не смее да има по секоја цена. Легализацијата е процес со соодветна регулатива, прецизни и стриктни законски рамки и строга контрола“, заклучи Ристоска.

Професорката по кривично право Александра Дејановска пак смета дека отсуството на класификација на лесни и тешки дроги е императивот при решавањето на овој проблем.

„Кривичните дела поврзани со канабисот, секако кога станува збор за помала количина, се третираат како нешто полесно и затоа се даваат пониски казни. Сепак, тоа не е решението. На крајот на краиштата и да остане статус-кво по ова прашање, неопходно е да се изврши допрецизирање на законската рамка и регулатива“, рече Дејановска.

Употребата, одгледување и консумирањето на канабис во Македонија е кривично дело, кое е санкционирано во членот 215 од Кривичниот законик и се смета како дело против здравјето на луѓето.

Во февруари минатата година, Владата донесе законски измени со кои ја легализираше продажбата и употребата на масло од канабис за медицински цели. Во моментот во Македонија масло се продава легално во аптеки и не е потребен рецепт.

Како е во светот?

Во Европа повеќето држави го декриминализираа канабисот за лична употреба ограничувајќи ја количината што едно лице може да поседува на 15 или 25 грама. Одгледувањето за лична употреба исто така е дозволено или се прогледува низ прсти ако се работи за неколку стебла од ова растение. Употребата на канабис и маслото од канабис за медицински цели е целосно легална во овие држави.

Во моментов, најлиберални држави по ова прашање се Италија и Чешка, каде канабисот може слободно да се одгледува во домашни услови и за лична употреба, а секој граѓанин може да поседува до 25 грама во секое време.

Португалија како прва држава којашто уште во 1989-та година го декриминализираше канабисот, но и опијатите, има најмала стапка на консументи и зависници во Европа.

Во САД, во последниве неколку години осум сојузни држави го легализираа канабисот за медицински цели или рекреативна употреба. Прва што го стори тоа беше Колорадо каде по една година беше забележан рекорден пад на стапката на криминал, но и рекордно зголемување на буџетот од приходите од легалната продажба на канабисот под капа на државата, односно даноците. Токму овие искуства беа пресудни повеќето сојузни држави сериозно да размислат околу менување на законските регулативи. Во моментов покрај 8-те сојузни држави, во уште 13, употребата на канабис за медицински цели е легална, како и поседувањето на одредена количина, што варира од 10 до 75 грама.

Како пример во светот се зема Израел каде повеќе од 10 години се спроведува државна програма за одгледување и продажба на канабис преку лиценци. Во оваа држава е составена листа на болести за кои лекарите можат да препишат употреба на канабис којшто се издава со рецепт и чини не повеќе од обичните лекови.

Засега употребата на канабис е легализирана во над 20 држави во светот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG