Линкови за пристапност

САД ќе помогнат на Македонија во борбата против организираниот криминал и корупција


Проактивни пристапи во истрагата, ефективно крививично гонење, унапредување на јавната безбедност и доброто владеење...

САД ќе помогнат во развојот на капацитетите на Македонија за борба против организираниот криминал и корупцијата, најави денеска македонската влада, прецизирајќи дека помошта се однесува на проактивни пристапи во фазата на истрага и ефективно кривично гонење, лоцирање на одговорноста на сторителите и нивно казнување, како и унапредување на јавната безбедност и доброто владеење.

„Со овој проект, кој се реализира со партнерство со САД, очекуваме да се засилат капацитетите на институциите, да се зголемат знаењата и вештините на кадарот во институциите, се` со цел - достигнување на нови стандарди кои се од интерес за ефикасно и ефективно работење и од интерес на граѓаните на Република Македонија. Ова ја покажува сериозната посветеност на Владата за унапредување на стандардите, а кредибилитетот на партнерот во оваа сфера е гаранција за успешност на целиот проект и квалитетно спроведување на законите“, изјави портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.

Проектот предвидува обуки, донација во опрема, техничка поддршка и стручна експериза за Академијата за судии и јавни обвинители, Министерството за правда, Јавното обвинителство, судството, особено првостепените кривични судови. Владата наведува дека ова треба да придонесе за полесно имплементирање на новата раководна улога на јавните обвинители во истрагите за тешки и комплексни кривични дела и новата улога на неутрални арбитри што судиите ќе ја добијат согласно новиот ЗКП. Тој вклучува и интерактивна обука и обука за практични вештини на Академијата за судии и јавни обвинители.

Во рамки на проектот, македонските судии ќе соработуваат и ќе разменат искуства со нивни колеги од САД.

Владата најави и дека во делот на техничката помош е предвидена модернизација на органите за споведување на законите во РМ преку подобрување на нивните капацитети за водење истраги и ефективно кривично гонење на сложени кривични дела, како и зајакнување на професионализмот во полициските служби. Проектот ќе го помогне и развојот на полициските единици за управување со човечки ресурси и на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР.

Проектот и договорот за соработка, кој треба да биде потпишан следната недела, ќе траат две години. Повеќе детали за финансиската конструкција на проектот ќе бидат познати наредната недела.
XS
SM
MD
LG