Линкови за пристапност

„Отворено небо“ меѓу САД и Македонија


Договорот го потпишаа заменик-помошникот државен секретар на САД Филип Рикер и македонскиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Македонија и САД и воздушно се поврзуваат.

Договорот за воздушен сообраќај, што денеска во Скопје ја потпишаа заменик-помошникот државен секретар на САД Филип Рикер и македонскиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, практично претставува правна рамка за воспоставување директни редовни и чартер авиолинии меѓу двете земји.

И едната и другата страна во Спогодбата гледаат можност за подобрување на економската соработка и билатералните релации. Американскиот дипломат, кој е во неколкудневна посета на Македонија, овој чин го оцени како доверба кон Македонија, која станува 90-тиот партнер на САД во таканаречените Договори за отворено небо.

„Сакаме да направиме се` што можеме за да ги продлабочиме односите меѓу САД и Македонија. Овојпат, фокусот го ставаме на економијата, економскиот раст и реформите кои се многу важни.
Филип Рикер

Промовирањето на развојот на Македонија е долгорочен значаен приоритет на САД, а ефикасниот авиотранспорт е предуслов за развој на индустрискиот, финансискиот, трговскиот и туристичкиот сектор. Меѓународните авиоврски се клучни за транспортот, и на патници, и на стоки. Се проценува дека по воздушен пат се одвиваат 40% од светската трговија. Поради тоа, пораката е многу јасна - секоја земја мора да создава авиоврски за да може да тргува“, истакна Рикер.
Стејт департментот по овој повод објави соопштение во кое наведува дека договорот “воспоставува либерализирани воздухопловни односи меѓу САД и Македонија“ и „создава можности за јакнење на економското партнерство“ меѓу двете земји преку поблиски врски во транспортот и трговијата.
Министерот Јанакиески најави дека спроведувањето на договорот ќе почне да се работи веднаш.

„Уште од утре ќе почнеме со процес на лобирање и анимирање на авиокомпаниите за да им укажеме на оваа можност и сите поволности што ги нудат пред се македонските аеродроми. Со документот се отвораат можности за проширување на македонскиот воздухопловен пазар што е поволно од економска гледна точна, ќе се унапредат билатералните односи меѓу двете земји и ќе се создадат поголеми можности за подобри услуги за патниците“, изјави Јанакиески.

Се очекува најголема корист од Договорот да имаат Македонците кои живеат на американскиот континент, како и Америкаците кои за свој дом ја избрале Македонија. На овој начин двете земји, на два различни континенти, оддалечени илјадници километри, стануваат многу поблиски.

Потпишувањето на Договорот беше овозможено од парафирањето на неговиот текст и Меморандумот за имплементација на документот на реципрочна основа, што се случи минатата година.
XS
SM
MD
LG