Неколку лица загинаа, меѓу кои и федерален судија и 9-годишно девојче, а демократската конгресменка Габриел Гифордс беше сериозно повредена во оружен инцидент што се случи саботата во нејзината изборна единица во југозападната сојузна држава Аризона.
Гифордс е застрелана во главата. Најмалку 18 лица беа погодени во инцидентот пред супермаркет во градот Тусон.
Претседателот Барак Обама изјави дека се работи за „неверојатна трагедија“ и го испрати директорот на Федералното истражно биро Роберт Милер во Аризона да ја координира истрагата за нападот.
Директорот на трауматолошката хирургија во болницата на Универзитетот на Аризона, Питер Ри, каде беше префрлена Гифордс, е оптимист за нејзиниот опоравок. Ри информираше дека болницата примила вкупно 10 жртви на нападот, од кои пет биле во критична состојба, а едно дете починало.
40-годишната Гифордс била на средба со гласачи во супермаркетот.
Полицијата вели дека го уапсила напаѓачот. Лица блиски до истрагтаа го идентификуваа како Џаред Лафнер, 22-годишен.
Во неколку видеа на Ју-туб, лицето кое се идентификува како Лафнер ја критикува владата и повикува на нова валута. Властите велат дека вршат истрага за видеата.
Гувернерката на Аризона, републиканката Џен Бруер, изјави дека цела Аризона е шокирана и длабоко ожалостена поради инцидентот. Претседателот на Претставичкиот дом Џон Бејнер рече дека е шокиран од нападот за кој кажа дека е бесмислен.
Тусон е во јужна Аризона, на 130 километри од границата со Мексико.
Во ноември, Гифордс беше избрана на трет мандат во Претставничкиот дом. Таа првпат стана членка на Конгресот во 2006-та.
Конгресната полиција реагираше на нападот, советувајќи ги пратениците и нивниот персонал да „преземат разумни и соодветни мерки на лична безбедност“.