Линкови за пристапност

Претседателот Обама и конгресните републиканци во преговори


Првите луѓе на САД бараат начин да го решат двојниот фискален проблем: да ја отворат владата и да зголемат крајната граница на задолжувањето.

Американскиот претседател Барак Обама и конгресните водачи денес повторно се на средба, во обид да стават крај на делумното затворање на владата и да ја зголемат крајната граница на задолжување на земјата, за да може да си го плати сметките.

Обама вчера во Белата куќа се сретна со делегација на републиканците од Претставничкот дом, а денес е на средба со републиканските првенци од Сенатот. Американскиот политички врв бара спогодба што ќе стави крај на 11-дневното зтаворање на владата со кое дома останаа неколку стотици илјади вработени во неа, а запреа бројни владини услуги. Обама и републиканците разговараат и за зголемување на националната граница на задолжување која сега изнесува 16,7 трилиони долари, а што САД ќе ја достигнат наредниот четврток. Без политички договор, земјата во тој момент ќе има само ограничена сума во готово за плаќање на сметките. Републиканците од Претставничкиот дом предложија привремено да ја зголемат границата на зголемување до 22-ри ноември, а во меѓувреме да преговараат со Белата куќа за поголеми кратења во буџетот.

Постојат извесни знаци на напредок во преговорите, но се` уште нема конкретен резултат. И Белата куќа, и конгресните републиканци велат дека средбите се конструктивни.

Политичката цена на финансиската блокада на Вашингтон ја илустрира анкетата на Вол стрит џурнал и ТВ-мрежата НБЦ, во која учествувале 800 испитаници. 53% ги обвинуваат републиканците за ситуацијата, додека 31% - Обама и демократите.

Вестите за евентуално решение на кризата придонесоа за подем на берзите во САД, Азија и Европа.
XS
SM
MD
LG