Линкови за пристапност

Американски грант ќе овозможи зачувување на црква стара илјада години


САД досега инвестирале над 1,5 милион долари во културните богатства во Македонија, како Шарената џамија во Тетово, Даут Пашиниот амам во Скопје, црквата Перивлепта во Охрид…

„Овој грант е дел од проектите на постојната програма на Стејт Департментот на САД, позната како Амбасадорски фонд за заштита на светското културно наследство, и е од огромно значење, затоа што црквата, која датира од 11 век, моментално се наоѓа во лоша состојба. Со оваа помош се овозможува зачувување на црквата и заштита на уметничките достигнувања, стари илјада години“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик викарниот епископ Јаков Стобиски, по повод минатонеделниот договор меѓу амбасадата на САД во Скопје и Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Според договорот, потпишан во манастирот „Пресвета Богородица Елеуса“ во Велјуса, Струмичко, со средствата од грантот ќе управува Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Струмица, со поддршка на експерти, а работите треба да бидат завршени за две години.

Според епископот Јаков, со американскиот грант ќе се изврши реконструкција на покривот на црквата, како и конзервација на фреските, подните мозаици и фасадата на црквата.''

„Задоволство ми е што американскиот народ ќе помогне за зачувувањето и заштитувањето на овие културни богатства за идните генерации и вековите што доаѓаат“, изјави на церемонијата на потпишувањето на договорот во струмичото село Велјуса, амбасадорката на САД Кејт Мери Брнс.

Амбасадорката Брнс и министерот за култура Хисни Исмаили го потпишаа договорот за грант од Амбасадорскиот фонд за културна заштита, од над 100.000 американски долари, за структурни подобрувања на надворешниот изглед за манастирот „Пресвета Богородица Елеуса“, како и за санирање, реставрирање и конзервирање на фреските кои датираат од 11, 15 и 17 век, и на подните мозаици од 11-ти век. И овој проект е само уште еден пример за посветеноста на САД да помогнат во зачувувањето и заштитата на живописното културно наследство во Македонија, и демонстрација на партнерството меѓу Амбасадата на САД во Скопје, Министерството за култура и музеите и општините.

Викарниот епископ Стобиски потенцира дека „црквата ‘Пресвета Богородица Елеуса’ е своевидно архитектонско чудо во светски рамки и е единствена од тој тип во Македонија“.

„Црквата претставува едно од поугледните ликовно-архитектонски остварувања не само во историјата на средновековното градителство на овие простори, туку и пошироко, во историјата на визaнтиската архитектура“, ни изјави епископот Јаков.

САД досега инвестирале над 1,5 милион долари во културните богатства во Македонија, како Шарената џамија во Тетово, Даут Пашиниот амам во Скопје, црквата Перивлепта во Охрид…

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG