Македонските студенти и граѓани имаат можност да користат образовни програми за постдипломски и додипломски студии, како и докторски студии, кои ги нуди Американската амбасада во Скопје.
Газменд Илази од Американската амбасада вели дека во некои програми, како Фулбрајт, партнер е и Министерството за образование.
„Американската амбасада нуди долга листа на стипендии, во различни категории на студенти и ученици од средните училишта. Во Македонија досега има над 1.000 стипендисти. Тие се професори, студенти, политичари, како и од секој сегмент на секојдневниот социјален живот. Стипендиите што се нудат од Американската амбасада ги покриваат сите трошоци за виза, билет, сместување, и се` што значи трошок додека студираат“, вели Илази.
Студентите од Охридскиот факултет за туризам велат дека се поголем е бројот на оние што ја користат можноста да заминат на студиски престој во САД.
„Останува на нас да аплицираме. Сите работи за кои треба да имам информација, во однос на финансиите и програмите за студирање, ни беа овозможени. Предизвик е самата апликација да се оди на друго ниво на студирање“, вели студент од Охрид.
Илази вели дека процесот на апликација е транспарентен и се прави електронски.
„Има и други програми како што е Хуберт Анфри програмата, која нуди професионално усвршување во САД, каде што студентите кои аплицираат, имаат можност седум месеци да следат настава на она што тие сакаат да се усовршуваат. Програмата нуди и два месеца практича работа во одредена институција“, вели Илази.
Оваа година во Америка ќе можат да се усовршуваат и четири кандидати од невладиниот сектор од Македонија, како и македонски новинари, кои ќе можат во текот на еден семестар да стекнат практично и теоретско искуство во Америка.