Линкови за пристапност

„Мошне лош знак“


Хазим ел-Библави, преоден премиер на Египет
Хазим ел-Библави, преоден премиер на Египет

Коментира преодниот египетски премиер на наводите дека САД би можеле да ја прекинат армиската помош за земјата.

Преодниот премиер на Египет, Хазим ел-Библави, смета дека би било „мошне лош знак“ доколку САД ја прекинат армиската помош за земјата. Во интервјуто за ТВ-мрежата Еј-Би-Си тој рече дека тоа би влијаело на египетската армија одредено време, но додаде дека таа и порано успеала да преживее, со децении примајќи руска помош.

Според Библави, Египет и САД се потребни еден на друг, исто како што на Египет му требаат европските и азисиките земји.

Во меѓувреме, и САД, и ЕУ размислуваат дали да продолжат со помошта за Египет, по крвавата пресметка на владините сили со демонстрантите. Белата куќа синоќа ги отфрли медиумските наводи дека веќе запрела дел од помошта која вкупно изнесува 1,5 милијарди годишно.

Коментирајќи на ставот на Библави, американскиот сенатор Џон Мекејн рече дека САД може да имаат влијание на ситуацијата во Египет: “Тие добиваат многу пари од арапските земји, но нивната армиска опрема е американска. Туристите се американски. Го почитувам ставот на премиерот, но САД имаат влијание. Но доколку САД не го искористат, ништо од тоа. САД досега испратија мошне мешани пораки на луѓето кои предизвикаа хаос на улиците во Каиро и низ цел Египет“.

Во Египет, судски и армиски инстанци наредија ослободување на поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак, кој мина во притвор преку две години по востанието во кое беше соборен. Тој беше обвинет за корупција, а во моментов повторно му се суди по обвинението дека не успеал да спречи крвопролевање.

Адвокатот на Мубарак за новинската агенција Ројтерс изјави дека е можно тој да биде пуштен на слобода уште утре. Засега нема официјална информација кога точно ќе се случи тоа.
XS
SM
MD
LG