САД и Куба се на пат да ги нормализираат односите, што би ставило крај на преку половина век дипломатската изолација од времето на Студената војна.
Главни црти на планот на Белата куќа за нормализација на односите со Куба
|
Во истовремени обраќања од Вашингтон и Хавана, претседателите на САД и Куба, Барак Обама и Раул Кастро, соопштија дека размениле затвореници коишто биле држени со години и дека сега ќе отворат пат за зголемени економски и транспортни врски меѓу двете земји.
Алан Грос, договорниот соработник на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), денес беше ослободен по пет години минати во кубански затвор, откако беше осуден за увезување на забранета технологија во земјата. Обама рече дека Грос и друго лице, опишано како „еден од најважните агенти“, биле разменети за тројца кубански разузнавачки оперативци коишто минаа преку една деценија во американски затвор.
Обама подвлече дека 50-те години на изолација на комунистичката држава, лоцирана на само 145 километри од американскиот јужен брег, не дале резултат и дека е време за нов пристап.
„Не верувам дека треба да продолжиме да го правиме истото нешто преку пет децении и да очекуваме поинаков резултат“, рече Обама.
До дипломатското одмрзнување дојде по преку една година тајни разговори меѓу двете земји, со Канада и папата Францис како клучни посредници. Папата упати „срдечни честитики“ за обновувањето на дипломатските односи, а генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун коментираше дека се работи за „мошне позитивна“ вест.
Кастро рече дека Обама „заслужува почит и признание од нашиот народ“. Тој и Обама вторникот преку 45 минути разговарале по телефон, што претставува прв суштински контакт меѓу претседателите на двете земји од 1961-ва - наваму.
Се очекува САД и Куба во наредните недели да усогласат спогодба што ќе доведе до отворање на амбасади. Обама најави дека ќе се воспостават деловни и патни врски, но дека ќе мора да преговара со Конгресот за укинување на економското ембарго за Куба.
Откако Обама ја соопшти веста, претседателот на Претставничкиот дом Џон Бејнер кажа дека „не треба одново да се посветува внимание на, а уште помалку да се нормализираат односите со режимот на Кастро се` додека кубанскиот народ не ужива во слобода, ниту еден момент пред тоа“. Бејнер оцени дека „тука нема никаков нов курс, само уште една во долгата редица неразумни отстапки за диктатурата којашто врши насилство врз својот народ и заговара со нашите непријатели“.
Обама рече дека нема илузии дека индивидуалните права на Кубанците веднаш ќе се подобрат, но додаде дека отсега, кога САД ќе се разидуваат со Куба, тоа ќе можат директно да и` го кажат на владата во Хавана.
Белата куќа смета дека долгорочната американска политика на задржување и изолација на Куба всушност “ги изолирала САД од регионалните и меѓународните партнери и ја ограничила нашата способност да влијаеме на резултатите од случувањата ширум западната американска хемисфера“.