Прва посета на шефицата на Европската комисија на Западен Балкан по нејзиниот реизбор - Урсула фон дер Лајен со денешните средби во Албанија ја започа неколкудневната турнеја низ регионот која в сабота ќе ја заврши во Косово.
Претседателката на Комисијата доаѓа на Балканот во мисија на потврдување на европската перспектива на „балканската шесторка“ и уверување дека проширувањето, процес кој доби и безбедносна димензија по руската агресија на Украина, продолжува.
„Бидете уверени дека проширувањето останува наш врвен приоритет. Нашите партнери од Западен Балкан ги спроведуваат реформите и имаат поддршка од нас“, изјави фон дер Лајен.
Се претпостаува дека утрешните состаноци на фон дер Лајен ќе бидат потешки. Таа доаѓа во Скопје неполн месец по одлуката за одвојување на Северна Македонија од Албанија во процесот на пристапување.
Очекувањата се дека шефицата на Комисијата на средбите со државно-владиниот врв – претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски ќе ги повтори познатите позиции на Брисел утврдени уште во јули 2022, кога и Скопје и Тирана ги почнаа преговорите, а тие се дека и земјава ќе ги отвори преговарачките кластери веднаш штом финишираат уставните измени со вметнување на Бугарите.
А, она што ќе го слушне од македонска страна, според изјавите кои доаѓаат од владиниот врв, е исто така познато – уставни измени со одложено дејство или гаранции дека ќе нема нови блокади кои не се поврзани со реформите неопходни за членство.
Тоа пак, вчера од Виена, го кажа премиерот.
„Продолжуваме да се бориме за Македонија и македонските граѓани. Националните интереси се наш врвен приоритет и секаде каде што одиме ќе ја пренесуваме пораката дека ние сме држава со мирољубиви граѓани кои своето место одамна го заслужија во Европа“, рече Мицкоски.
По формалното одвојување на земјава од Албанија, што е резултат и на неспроведувањето на уставните измени договорени во времето на владата на СДСМ и ДУИ, опозицијата се сомнева дека власта навистина има план што и како понатаму.
„Премиерот најавува дека има поддршка од некои земји дека може да се подобри нашата позиција во преговорите со ЕУ, но министерот Муртезани во тоа го демантира, едноставно сметаме дека или не ја кажува вистината или нема никаков план“, изјави претседателот на СДСМ Венко Филипче.
Ништо полесна не и е натамошната агенда на фон дер Лајен. По Скопје таа патува за Босна и Херцеговина која се соочува со најави за нестабилност, па за Белград и Приштина кои немаат напредок во дијалогот, за балканската посета да ја заврши во Подгорица.