Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, го предупреди кинескиот претседател Шји Џјинпинг да не испорачува оружје на Русија и разговараше за патот кон мир во Украина за време на разговорите денес во Пекинг.
Фон дер Лајен оваа недела отпатува во Кина со францускиот претседател Емануел Макрон за да покаже обединет европски фронт. Макрон учествуваше вчера и денес на петтиот состанок на Кинеско-францускиот деловен совет. Подоцна ѝ се придружи на Фон дер Лајен на трилатерални разговори со Шји.
Зборувајќи за новинарите по нејзината билатерална средба, фон дер Лајен рече дека ја покренала темата Шји да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски во врска со мировниот план. Таа рече дека Шји изразил подготвеност да разговара со Зеленски „кога условите и времето се соодветни“.
Но, лидерката на ЕУ рече дека, исто така, ја предупредила Кина да не обезбедува воена опрема директно или индиректно на Русија, бидејќи тоа би било против меѓународното право и „значително би им наштетило на нашите односи“.
Фон дер Лајен го покрена прашањето за Тајван и неодамнешните зголемени тензии меѓу него и копното. Пекинг смета дека островот со демократски владеење е дел од неговата територија, иако Тајван е самоуправен од крајот на кинеската граѓанска војна во 1949 година.
Кина вети дека ќе го стави островот под своја контрола со сите неопходни средства, вклучително и воено преземање.
Претседателката на Европската комисија рече дека стабилноста во Тајванскиот теснец е од огромно значење и никој не треба еднострано да го менува статус квото во регионот со сила.
Фон дер Лајен рече дека ја изразува „длабоката загриженост“ на ЕУ за ситуацијата со човековите права во Кина, и нагласи дека за ова прашање мора да се разговара, поздравувајќи го продолжувањето на дијалогот за човекови права меѓу ЕУ и Кина.
Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Ројтерс и Франс-прес