Агенцијата за бегалци на ОН предупредува дека Европа се наоѓа на работ на експлозивна самопредизвикана хуманитарна криза, што може да излезе од контрола и да резултира со општо насилство.
Агенцијата известува дека бројот на бегалци и мигранти во Грција, кои имаат потреба од засолниште се зголеми на 24.000. Ова вклучува 8.500 луѓе заглавени блиску до границата со Македонија. Се вели дека неповолните услови доведуваат до недостиг од храна, засолниште, вода и санитарни услови.
Винсент Кочетел, кој е координатор на УНХЦР за бегалската криза во Европа, вели дека застојот на граничните премини долж балканската бегалска рута, доведува до фрустрација помеѓу мигрантите и бегалците.
„Тие не разбираат дека не можат повеќе да се движат напред, дека треба да чекаат на ред, дека треба да минуваат низ процес за релоцирање, за оние кои има потреба да бидат релоцирани, а тоа не важи за сите. Фрустрацијата се зголемува и може да доведе до насилство“ вели тој.
Мировен протест блиску македонската граница во понеделникот, се претвори во насилен и полицијата беше принудена да фрли солзавец за да се принудат бегалците да се оддалечат од жичаната ограда на границата.
Речиси 132.000 лица, половината од нив жени и деца, успејаа да го минат Медитеранот годинава, што ја надмина бројката за првите шест месеца во 2015-та година. Речиси сите се во Грција.
Портпаролот на УНХЦР, Адриан Едвардс вели дека Европската унија мора да го спроведе во целост планот кој беше изгласан минатата година, за подеднакво релоцирање на бегалците помеѓу 28-те членки на унијата.
УНХЦР вели дека Грција мора под итно да ја зголеми својата способност за прифаќање и поддршка на големиот број луѓе коишто пристигнуваат и дека подобрите услови и координација помеќу земјите на ЕУ е од огромно значење.