Унгарскиот парламент денес го одобри приемот на Шведска во НАТО, отстранувајќи ја последната пречка пред историскиот чекор на оваа земја, која беше воено неутрална низ двете светски војни и Студената војна.
Гласањето во Унгарија стави крај на повеќемесечните одложувања за комплетирање на промената на безбедносната политика на Шведска и по посетата на шведскиот премиер Улф Кристерсон во петокот, за време на која двете земји потпишаа договор за оружје.
„Шведска остава зад себе 200 години неутралност“, рече Кристерсон на прес-конференција.
„Ние влегуваме во НАТО за уште подобро да го одбраниме она што сме и сè во што веруваме. Ние ја браниме нашата слобода, нашата демократија и нашите вредности, заедно со другите“.
Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан се соочи со притисок од сојузниците во НАТО да го одобри пристапот на Шведска во алијансата.
„Би сакале да ѝ посакаме добредојде на Шведска заедно со Финска во НАТО алијансата многу, многу брзо“, рече портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер.
Таа ја охрабри унгарската влада брзо да го заврши процесот за да дозволи влез на Шведска во НАТО.
„Членството на Шведска ќе не` направи сите посилни и побезбедни“, рече генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на X.
Стокхолм ја напушти својата политика на воена неутралност за поголема безбедност во рамките на НАТО по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Со тоа што Шведска ја следеше Финска во НАТО, рускиот претседател Владимир Путин всушност го постигна токму она што се обиде да го избегне кога ја започна својата војна во Украина - проширување на алијансата, рекоа западните лидери.
„Кога станува збор за Русија, единственото нешто што можеме да очекуваме е дека нема да им се допадне што Шведска станува членка на НАТО“, рече Кристерсон.
„Што прават покрај тоа, не можеме да знаеме. Подготвени сме на секакви работи“.
Пристапувањето на Шведска, која не е во војна од 1814 година, и Финска, е најзначајното проширување на алијансата откако прими членки од источна Европа по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.